full screen background image
Search

Претставен новиот баварски знаменосец – деби на новата Серија 7 на BMW!

Целосно новиот модел на BMW носи многу нови иновации и нови технологии, значително намалување на тежината и подобрени перформанси и економичност!

Во ред, нова Серија 7. Што е ново?

Баварците ја искористиле сета своја експертиза и знаење за да направат навистина голем чекор напред во класата на големи луксузни седани. Со интелигентно користење на лесни и цврсти материјали, тежината на новата 7-ка (со ознака G11 за верзијата со кратко меѓуоскино растојание, односно G12 за онаа со долго) е намалена до 200 килограми. Според Klaus Frohlich, член на одборот на BMW AG, новата 7-ка е најлесен модел во сегментот.

Стандардниот модел е 5098 милиметри долг,  1902 милиметри широк и 1467 милиметри висок, со меѓуоскино растојание од 3070 милиметри. Долгата верзија е долга 5238 милиметри, ширината и висината се исти, но меѓуоскиното растојание изнесува 3210 милиметри. Дизајнот е еволуција на досегашниот, и кога ќе го видите на улица неизбежно ќе знаете дека се работи за BMW. Во внатрешноста се наоѓа новиот iDrive 5.0 мултимедијален систем кој сега препознава гестикулации и може да биде контролиран со движење на рацете во воздухот. Друг новитет е и паметниот клуч кој можете да го користите како „далечинско“ за да го паркирате вашиот автомобил кога не сте во него.

Секако, оваа технологија има ограничувања – може да се користи само при паркирање кога автомобилот директно влегува во паркинг местото, а не за паралелно паркирање. Дополнително, автомобилот може да помине дистанца само 1.5 пати поголема од неговата должина. Новата 7ка ја носи и најновата генерација на Laserlight предни светла.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW официјално ги претстави новите, радикални M3 и М4!

Што да очекувам од моторот на мојата нова 7-ка?

При лансирањето, европските купувачи ќе можат да изберат меѓу неколку бензински и дизел мотори. На врвот на бензинската понуда е 750i со 4.4-литарски TwinPower Turbo V8 кој нуди одлични 450 коњски сили и 650 Nm вртежен момент. На овој модел „до стотка“ му се потребни 4.4 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час. Скалило подолу е 740i кој носи 3-литарски линиски 6-цилиндерски TwinPower турбо-бензинец. Овој мотор има на располагање 326 коњски сили и 450 Nm вртежен момент – доволни за 5.5 секунди до 100 километри на час – и повторно – 250 километри на час максимална брзина.

На почетокот ќе се нуди само една дизелска варијанта, која повторно ќе ја носи ознаката 730d. 3-литарскиот турбодизел нуди 265 коњски сили и 620 Nm вртежен момент – на модерниот турбодизел му се потребни само 5.8 секунди да ја избутка големата лимузина до 100 километри на час, а и тука максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.

Само толку?

Уште една интересна варијанта е BMW 740e – односно хибридната изведба на 7-ката. Оваа веријанта под поклопецот крие 2-литарски турбо-бензинец и електромотор со 95 коњски сили, за вкупна системска моќност од 326 коњски сили. Забрзувањето до 100 километри на час трае 5.5 секунди, а максималната брзина е 240 километри на час. BMW ветува потрошувачка од само 2.1 литар на 100 километри и автономија на струја од 40 километри, како и максимална брзина на струја од 120 километри на час!

Поврзано:   Официјално: Пристигна кабриолет верзијата на BMW Серија 4



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.