Моделот е директен наследник на 488 GT Modificata од 2020 година и ќе биде понуден само за неколку избрани членови на програмата Club Competizioni GT.
Визуелно, 296 GT Modificata изгледа многу слично на 296 GT3 Evo. Главните разлики вклучуваат посуптилни аеродинамички крила на предниот браник, поизразен сплитер, модифицирани отвори за воздух, прилагодени издувни цевки и редизајниран заден спојлер.
Моделот ги задржува страничните отвори за воздух, вентилирачката хауба, предните LED светла, како и 18-инчните алуминиумски тркала.
Покрај тркачките седишта и појаси, Ferrari успеа да додаде и сопатничко седиште со минимални измени на заштитниот кафез. Ова им овозможува на сопствениците да го споделат искуството со уште едно лице или да учествуваат на тркачки денови со инструктор во кабината.
Во срцето на 296 GT Modificata се наоѓа 3-литарскиот твин-турбо V6, кој за разлика од патничките 296 GTB и 296 Speciale нема хибриден систем. Моторот ја дели својата конструкција со тркачката единица, но дополнително е надграден бидејќи повеќе не мора да ги почитува строгите правила на GT3 класата.
Како резултат на промените кои се направени на коленестото вратило, брегастите оски, интеркулерите, турбополначите, горивниот систем, менувачот и издувот, моторот сега генерира 730 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Истите се пренесуваат на задните тркала преку шестстепен секвенцијален менувач со карбонска спојка.
Цената сè уште не е објавена, но автомобилот е достапен исклучиво за избрани клиенти од програмата Club Competizioni GT, при што секој купувач ќе добие двегодишна поддршка на тркачките патеки ширум светот.



















