Групацијата Volkswagen покрена правни постапки за да го спречи паралелниот увоз на кинеските електрични возила од брендот AUDI.
Станува збор за моделите E5 Sportback и E7X кои се наменети исклучиво за кинескиот пазар во соработка помеѓу Audi и SAIC.
За разлика од стандардните модели на германскиот производител, овие возила го немаат препознатливиот амблем со четирите прстени, туку наместо тоа ја носат само текстуалната ознака AUDI.
Спорот започна откако германскиот независен увозник Auto China започна да ги внесува овие два моделa во Германија, вршејќи хомологација и нудејќи ги на локалните купувачи. Од Volkswagen Group и Audi брзо реагираа со тужба за блокада на овие активности а како главната причина го наведоа фактот дека кинеските модели се наменети за сосема различна целна група од онаа во Европа и воедно дека значително се разликуваат како по дизајнот така и по софтверот.
Иако увозникот тврди дека сам го покрива процесот на регистрација, гаранција и сервис, Audi сака да избегне потенцијален хаос за сопствениците кои би останале надвор од официјалната европска дилерска мрежа кога се во прашање резервни делови, софтверски ажурирања и дијагностика.







