Голем, луксузен и моќен – новиот Audi Q7 пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Голем, луксузен и моќен – новиот Audi Q7 пристигна во Македонија!

Audi има нов знаменосец! Денес најновата генерација на големиот Q7 ја имаше својата македонска премиера.

Добредојде Q7! Уште при првиот контакт, новиот Q7 е посамоуверен и подоминантен. На предниот дел забележуваме поделени „двоспратни“ предни светлосни групи, како и широка, наметлива Singleframe решетка. Она што се забележува веднаш се исфрлените, мускулести крила кои на големиот SUV му даваат доминантен и моќен став.

На задниот дел, вниманието оди кон комплексниот светлосен потпис, наметливиот спојлер и длабокиот заден браник. Би рекле дека новиот Q7 изгледа самоуверено, достоинствено и наметливо.

А во кабината? Екрани. Екрани насекаде. Audi го продолжува фокусот кон темелна дигитализација и стремежот кон технолошка супериорност.

 

Пред возачот е поставен огромен закривен OLED екран наменет за инструментите и инфозабавните функционалности, а совозачот добива свој, засебен екран. Интересен новитет е и огромниот панорамски стаклен покрив кој може да биде провиден или затемнет (и тоа во делови!).

Новитети има и во однос на материјалите – Audi внимателно „бега“ од пијано-црниот финиш и на купувачите им овозможуваат да го персонализираат својот Q7 со внимателно-избрани материјали и бои – од дрво, па сè до други интересни материјали.

На самиот старт, Q7 е  достапен само со 3-литарскиот TDI со лајт-хибридна компонента, но во две конфигурации. Помоќната испорачува 299 (можеле да заокружат на 300) коњски сили и 630 Nm вртежен момент, додека „основната“ конфигурација е со 245 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Интересно е да се напомене дека 3-литарскиот V6 турбодизел со MHEV Plus технологии добива електричен турбополнач за инстантен одговор на секое притискање на десната педала.

Она што е стандардно за сите изведби на Q7 е перманентниот quattrо погон на сите четири тркала, управување на задните тркала, адаптивна воздушна суспензија и уште многу, многу повеќе. Меѓу другото, суспензијата „муабети“ со навигацијата за да се подготви за потенцијални нерамнини на патот, а истовремено се спушта за полесно влегување и излегување од големиот SUV.

Поврзано:  Утринска гимнастика: Возење со Audi RS3 на Италијанските Доломити

Цените започнуваат од 114.000 Евра за верзијата со 245-коњскиот мотор, односно од 117.000 Евра за верзијата со 299-коњскиот турбодизел. За повеќе информации, посетете го салонот на Audi во Скопје, или пак посетете ја официјалната веб-страница за Q7.

Добредојде Q7!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.