Возилото успеа да помине 1338 километри и со тоа да го собори претходниот рекорд од 1205 километри кој му припаѓаше на моделот Lucid Air Grand Touring.
Возењето започна на 11 септември и траеше повеќе од 45 часа а зад управувачот се најде европскиот шампион во рели Miko Marczyk.
Рутата се одвиваше по јавни патишта низ Полска — од Краков, преку Варшава, се до полуотокот Хел на Балтичкото Море и назад. Движењето беше во секојдневен сообраќај, соочувајќи се со сообраќајни метежи и просечна температура на воздухот од околу 15 степени.
За овој подвиг беше искористена стандардна верзија на Audi A6 Sportback e-tron која поседува батерија со корисен капацитет од 94,9 kWh. Иако официјалната автономија на овој модел според WLTP стандардот изнесува 777 километри, возачот успеа да извлече дури 72 проценти поголем домет благодарение на екстремно ефикасното возење.
Просечната потрошувачка на енергија за време на рекордниот пат изнесуваше неверојатни 7,09 kWh на 100 километри, што е повеќе од двојно помалку од стандардната фабричка потрошувачка.
Иако возењето се одвиваше со мали брзини без реални услови на брзо возење на автопат, овој рекорд е уште еден доказ за тоа колку брзо напредува ефикасноста на новата генерација електрични возила кои користат 800-волтни платформи.



