Таман кога помисливте дека сте ги виделе сите верзии на G класата, тука е Brabus да ве поправи.
Моделот е замислен како возило со високи перформанси, наменето првенствено за асфалт. Тој е спуштен за околу 4,5 сантиметри и се потпира на 24-инчни тркала со карбонски додатоци.
Претворањето во пикап значи дека задниот дел претрпел реконструкција. Дизајнирана е нова челична преграда зад седиштата, челичен под и задна врата на каросеријата како и странични карбонски панели.
Целиот екстериер има агресивен спортски изглед со нови браници, поголеми отвори за воздух, изразени карбонски проширувања на калниците, осветлена предна маска и препознатливи издувни цевки.
Под хаубата се наоѓа модифицираниот 4-литарски V8 (кој е сега зголемен на 4,4 литри) со поголеми цилиндри, нови клипови и два турбополначи.
Благодарение на овие зафати и софтверски ремап, моторот испорачува 888 коњски сили и 1250 Nm вртежен момент (кој е сепак ограничен електронски на 1050 Nm за заштита на менувачот), а забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае само 3,7 секунди.
Внатрешноста е целосно преработена во препознатливиот луксузен стил на Brabus со врвна кожа, алкантара, црвени шевови и бројни карбонски додатоци.
Производството ќе биде строго ограничено на само 10 примероци ширум светот, а почетната цена за прикажаниот примерок изнесува 711.718 евра.



















