Моделот претставува кабриолет варијанта на веќе познатото Bodo купе со целосно карбонска каросерија и 1000 коњски сили.
Автомобилот е базиран врз платформата и архитектурата на Aston Martin Vanquish Volante, но со целосно редизајниран надворешен изглед и преработен мотор.
Под карбонската хауба е сместен 5,2-литарскиот V12 битурбо од Aston Martin кој претрпе модификации на хардверот и софтверот за да испорача точно 1000 коњски сили и вртежен момент од 1200 Nm.
Моторот е поврзан со осумстепен автоматски менувач и диференцијал со ограничено пролизгување, што му овозможува на овој кабриолет да ги има истите импесивни перформанси како и купе верзијата.
Bodo Cabriolet забрзува од 0 до 100 км/час за само 3 секунди, додека забрзувањето до 300 км/час трае 23,9 секунди. Неговата максимална брзина е електронски ограничена на импресивни 360 км/час, што го прави еден од најбрзите кабриолети на денешницата.
Автомобилот е поставен на 22-инчни Brabus Monoblock Z-GT тркала и располага со активен аеродинамички пакет кој вклучува интегриран преден карбонски спојлер и заден активен спојлер.
Од германскиот бренд истакнуваат дека секој примерок ќе се изработува по нарачка според специфичните желби на сопственикот.
Производството на Bodo Cabriolet и купе изведбата е строго ограничено на само 77 примероци за целиот свет, а почетната цена го надминува прагот од 1 милион евра.




















