Hyundai го претстави новиот Tucson кој изгледа како да е од сосем друго, идно време.
Да, ова е новиот Tucson. И Hyundai продолжува со храбрата традиција да не остава никаква поврзаност меѓу различните генерации на своите модели. Всушност, судејќи по изгледот, сигурни сме дека новиот Tucson ќе настапи посамоуверено од било кога.
Новиот Tucson ја следи Art of Steel дизајнерската филозофија на Hyundai, но ја носи во екстреми кои досега не сме ги забележале кај другите модели на брендот. И ако се прашуваме, има зошто – Tucson е бест-селерот на Hyundai и од него се очекува да биде моделот кој ќе ги поместува границите на брендот. А сето тоа значи остри, прецизни површини и дизајнерски решенија инспирирани од челик.
Забележуваме неколку различни дизајнерски елементи во облик на латиничната буква H, но и самоуверен став, робустни површини и интересно-дизајнирани задни врати кои како да се кријат во каросериајта и Tucson изгледа како да е теренец со три врати.
Секако, нова е и кабината, која како што и очекувавме има силен фокус кон дигитализацијата. На арматурната табла доминира огромниот централно-поставен дигитален дисплеј, под кој има и физички контроли. Покрај големиот дисплеј, има и мал дисплеј наменет за совозачот, а забележуваме и управувач со интересна форма. Од Hyundai најавуваат и грст технологии, но и можност за лесно прикачување додатоци. Од Hyundai кажуваат дека ентериерот на Tucsoн е дизајниран да биде „комфорно и мирно место, а не само фестивал на технологии“. И тоа ни се допаѓа.
Сега за сега не се познати погонските опции кои ќе бидат достапни во Европа, но очекуваме дека Hyundai ќе продолжи да нуди широка гама на мотори. Па затоа очекуваме дека Tucson ќе се нуди со турбо-бензинец (кој најверојатно ќе добие лајт-хибридна компонента), како и со хибридни и плаг-ин хибридни погони. Hyundai веќе понуди нови хибридни погони во САД, изградени врз нов 1.6-литарски турбо-бензинец со два електромотори. Според Hyundai, овој погон е и поефикасен и помоќен.
А што е со N? Па можеме да очекуваме дека Hyundai ќе понуди и Tucson N. Би очекувале ваквиот модел да има повеќе од 300 коњски сили и погон на сите четири тркала, но дали и колку оваа опција ќе биде понудена во Европа останува да видиме. На купувачите во Европа ќе им биде понуден Tucson N-Line кој ќе добие малку поспортски лик во однос на обичниот Tucson.
Очекуваме дека Европските спецификации ќе бидат објавени наскоро, а во меѓувреме погледнете ги фотографиите.















