Ова е третата варијанта на 21C што доаѓа од американскиот производител и ќе има строго ограничено производство од само 30 примероци.
21C Spyder има нов интегриран систем за сопирање наречен BrakeNode. Се работи за напредна технологија во која една единствена компонента ги спојува држачот на суспензијата, сопирачките и сите хидраулични канали за кочионата течност.
Со овој иновативен дизајн се заштедуваат точно 0,68 килограми подвозна маса на секое тркало, додека растојанието на сопирање се скратува за дури 15 проценти во споредба со конвенционалните системи.
Сопирачкиот систем користи титаниумски клипови, кои овозможуваат хидрауличната течност да остане за 15 проценти поладна во споредба со клиповите од нерѓосувачки челик. Истите стегаат врз карбон-керамички дискови со димензии од 409 милиметри на предната оска и 389 милиметри на задната оска.
Под капакот се наоѓа моќниот хибриден погонски систем составен од 2,88-литарски V8 со два турбополначи, надополнет со два електрични мотори на предната оска и еден генератор на задната оска. Оваа сложена конфигурација испорачува вкупна моќност од 1267 коњски сили и 937 Nm вртежен момент.
И покрај тоа што нема фиксен покрив, аеродинамичкиот пакет генерира импресивни 1482 килограми сила на притисок кон подлогата при брзина од 241 км/час. Со поставен покрив таа бројка се искачува на дури 1500 килограми, при што речиси 60 проценти од аеродинамичкиот притисок е насочен кон задната оска за да се обезбеди максимална стабилност при екстремно високи брзини.
За совршениот проток на воздух придонесува и дифузорот сместен под подвозјето, кој целосно ги опфаќа менувачот и задниот мост. Тука е и огромниот заден спојлер со ширина од 193 сантиметри, чии носачи се дизајнирани во препознатлив стил на лебедов врат.
Нарачките за 21C Spyder се веќе отворени а возилото доаѓа со почетна цена од 2,5 милиони евра. И покрај високата цена, не се сомневаме дека сите 30 примероци за брзо време ќе си најдат свој дом.




















