Новиот (овојпат целосно електричен) Audi A2 продолжува онаму каде контроверзниот, но сепак супер-напреден претходник застана – со силна демонстранција на технолошките моќи на брендот од Инголштад.
Ова е новиот Audi A2, овојпат со суфикс e-tron. И да, можеби изгледа како „уште еден електричен кросовер“, но (исто како пред 25 години), А2 е важен автомобил. Океј, да ги оставиме ретро-деталите настрана и да се концентрираме на она што е најважно. Според Audi, ова е најефикасниот автомобил во историјата на брендот. Според Audi, одберете ја вистинската конфигурација и малиот A2 e-tron троши само 12.8 kWh струја на 100 изминати километри и според WLTP мерењата, најефикасната верзија поминува 645 километри со едно полнење на батериите.
За да се достигне ова, многу, многу внимание е посветено на аеродинамиката. А2 има коефициент на отпор на воздухот од само 0.24 Cd а тоа е постигнато преку внимателно дизајниран преден дел, целосно затворен под, активна аеродинамика, аеро-тркала, мали аеро-додатоци околу крилата за насочување на воздухот, па дури и рачки на вратите кои не се рачки, туку мали крилца кои користат сензори наместо конвенционални механички компоненти.
Достапни се три батерии – 52, 61 и 84 kWh. Основна батерија се комбинира со електромотор со 170 коњски сили. Поголемата батерија со капацитет до 61 kWh се комбинира со електромотор со моќност од 190 коњски сили, додека најголемата батерија се комбинира со електромотор со моќност од 231 коњска сила и токму оваа верзија ги достигнува оние 645 километри автономија. Доколку сакате нешто уште позабавно, A2 може да се добие и со електромотор со моќност од 326 коњски сили, но кај оваа верзија (разбирливо) страда автономијата.
Без разлика на конфигурацијата, силата се пренесува кон задните тркала, а тоа значи и отсуство на quattro погон на сите четири тркала.
Кабината добива 11.9-инчен дисплеј за инструментите, како и 12.8-инчен закривен централно-поставен екран. Интересно, Audi A2 добива и нов Fidlock систем во кабината – магнетски систем (со механичко заклучување) наменет за прикачување разно-разни додатоци на различни места во кабината – од држачи за чаши, па сè до еден куп други додатоци како во кабината, така и во багажникот. Fidlock системот веќе се користи во други индустрии, но автомобилското деби го има токму кај A2 e-tron.


















