Dacia ја претстави новата, втора генерација на еден од најдостапните електрични автомобили на пазарот – малиот Spring.
Новиот Spring е навистина нов – всушност, нема никаква поврзаност со првата генерација на малиот електричен автомобил, освен можеби името. Првиот Spring беше развиен (и се произведуваше) во Кина, во соработка со кинескиот гигант Dongfeng и се базираше на платформа на Renault Kwid.
Новиот Spring ги дели гените со новиот Twingo (кој веќе пристигна во Македонија) и ја користи неговата AmpR Small платформа, благодарение на која добива и нов електромотор со моќност од 80 коњски сили и 175 Nm вртежен момент, како и релативно мала батерија со капацитет од 27.4 kWh, која според Dacia би требало да обезбеди досег до 250 километри. Според Dacia, на батеријата ѝ се потребни 28 минути да се наполни од 15 до 80% на брз полнач со моќност до 50 kW, односно само 2 часа и 55 минути на обичен 7 kW домашен полнач.
Перформанси? Па бидејќи се работи за градски автомобил, тие се воглавно неважни – но од Dacia кажуваат дека 100 километри на час пристигнуваат за 12.1 секунда а максималната брзина е 130 километри на час.
Она што е важно е дека Spring е сега поголем и покомфорен – подолг е 15 сантиметри и поширок цели 18 сантиметри, а меѓуоскиното растојание е 3850 милиметри. Сето тоа ветува повеќе простор во кабината и поголем багажник (дури 337 литри, плус преден багажник со капацитет од 18 литри). Во кабината има многу YouClip додатоци. Кога сме кај кабината, забележуваме навистина интересен ентериер со 7-инчен дигитален дисплеј за возачот и опционален 10.1-инчен инфозабавен дисплеј.
Дизајнот на Spring е утилитарен, но привлечен. Нема никакви екстравагантни дизајнерски детали, но Spring изгледа робустно и самоуверено, и покрај релативно малите димензии.
За разлика од првата генерација, Spring ќе се произведува во Европа. Поточно, ќе се произведува покрај Twingo во фабриката на Renault во Словенија. Првите примероци се очекуваат да пристигнат на почетокот на следната година (напролет? Бадум-тсс.). Цената сè уште не е официјализирана, но очекуваме во основната верзија, Spring да не надмине цена од 20.000 Евра.



















