Новиот модел од европскиот C-сегмент е замислен како возило за секојдневна употреба кое ќе игра повеќе улоги.
Иако на прв поглед би рекле дека се работи за теренски караван, Striker (за кој веќе пишувавме во март) е дефиниран како кросовер. Тој ги комбинира SUV робусноста, караванската практичност и ефикасноста на седан возилата.
Striker претставува пониска алтернатива на моделот Bigster и е наменета за купувачи кои сакаат атрактивен теренски изглед, но претпочитаат пониска позиција на седење.
Dacia посвети посебно внимание на звучната изолација преку користење подебели стакла на ветробранското и предните странични прозорци и за разлика од Jogger, новиот Striker ќе се продава исклучиво во верзија со пет седишта.
Основниот модел го користи 1,2-литарскиот трицилиндричен турбо-бензинец со благ хибриден систем со варијанти од 115 до 140 коњски сили а над него е позициониран целосниот хибриден систем заснован на 1,8-литарскиот четирицилиндричен атмосферски мотор кој добива помош од два електрични мотори и развива максимални 155 коњски сили.
За купувачите на кои им е потребен погон на сите четири тркала, достапна е верзијата 4×4. Овој систем го комбинира 1,2-литарскиот бензински мотор кој со помош од дополнителен електричен мотор на задната оска испорачува 150 коњски сили.
Внатрешноста доаѓа со модерни технолошки решенија, вклучувајќи го 10,1-инчниот централен екран на допир и 7-инчната три-димензионална инструмент-табла. На централната конзола се задржани неколку физички копчиња под екранот, додека на управувачот има стриктно физички контроли.
Багажниот простор располага со капацитет до 600 литри и користи под со две висински нивоа за полесна организација на багажот. Практичноста во кабината е дополнета со лизгачка фиока, држачи за чаши што се вадат и девет точки за прицврстување дополнителна опрема.
Dacia Striker го задржува препознатливиот поволен однос меѓу цената и квалитетот. Почетната цена во Европа ќе изнесува околу 25.000 евра а ќе биде достапен кон крајот на годинава.




















