Со Aegis Golden Brick батериите на Geely „дремењето“ на полнач заминува во историјата – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Со Aegis Golden Brick батериите на Geely „дремењето“ на полнач заминува во историјата

Geely претстави нова батерија која овозможува супер-брзо полнење и ветува дека ќе го елиминира чекањето на полнач.

Производителите на автомобили полека но сигурно (и конечно) сфатија дека не треба толку да се фокусираат на досегот, колку што треба да се фокусираат на брзината на полнење на батериите. Не постои возач кој сака половина час или час да „дреме“ на полнач.  И токму во таа насока, Geely ја претстави новата Aegis Gold Brick батерија. И она што е интересно е дека батеријата не е само технолошки концепт, туку батеријата е веќе достапна и се вградува во Lynk & Co 10 електричните возила кои брендот ги нуди во Кина.

И што нуди новата батерија? Да започнеме со капацитетот и „хемијата“ – батеријата е со капацитет од 95 kWh, изградена со LFP ќелии. Самата батерија е изградена околу 900-волтна архитектура, која овозможува навистина супер-брзо полнење. Колку брзо? Па според спецификациите кои пристигнаа од Geely, максималната моќност на полнење која може да ја издржи е 1100 kW, односно над 500 kW кога батеријата е полна повеќе од 80%, па сè до околу 350 kW кога батеријата е полна до 97%. Во идеални услови, се полни од 10 до 70% за 4 минути и 22 секунди. За помалку од 10 минути се полни од 10 до 97%!

Дополнително, иновативниот систем за ладење одлично ги контролира температурите – дури и при максимално оптоварување, батеријата не надминува температура од 64 степени. Ова е важно, затоа што кинеските регулативи за електрични возила наметнуваат строга максимална граница на температура на батериите – односно 65ºC. Ова можеби делува како да е „за малку“, но вистината е дека технологиите кои ја одржуваат температурата и при највисоко оптоварување успешно ги држат работите под контрола и не дозволуваат неконтролирано загревање.

Во ред, вакви полначи нема многу низ светот, но самиот факт дека технологиите веќе постојат и дека активно се користат ке придонесат кон забрзано подобрување на инфраструктурата. Чекањето на полначи полека но сигурно заминува во историјата.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.