Leapmotor од денес и официјално стартува во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Leapmotor од денес и официјално стартува во Македонија!

Автонова од денес официјално има нов бренд во своето портфолио – Leapmotor денес официјално беше претставен пред македонската јавност.

Од денес и официјално Leapmotor е достапен за македонските купувачи – од денес Leapmotor станува дел од портфолиото на Автонова. Брендот беше претставен и лансиран на гала настан, каде беше претставен не само брендот, туку и целата моментална гама на Leapmotor.

Во Македонија, продажбата на Leapmotor стартува со урбаниот електричен Т03 кој доаѓа со батерија со капацитет од 37.3 kWh и ветува дека може да помине до 265 километри со едно полнење. Се нуди само во една конфигурација, односно во ниво на опрема Design кое доаѓа со сè што е потребно и чини 17.990 Евра.

Понатаму, тука е B10 кој доаѓа како целосно-електрично возило или како електрично возило со бензински Range Extender. Електричната верзија чини од 24.990 Евра во Life Pro ниво на опрема, скалило погоре е Life ProMax кој чини 26.990 Евра, додека врвната електрична верзија со ознаката Design чини 28.490 Евра. Основниот B10 Life Pro доаѓа со батерија со капацитет од 56.2 kWh и поминува 361 километар со едно полнење, додека двете други верзии носат батерија со капацитет од 67.1 kWh и поминуваат по 434 километри со едно полнење.

B10 REEV се нуди во две нивоа на опрема – Life REEV и Design REEV и чини 26.490, односно 27.490 Евра. REEV изведбата доаѓа со бензински мотор кој функционира како генератор да ја полни батеријата со капацитет од 18.8 kWh. Оваа верзија има вкупна автономија од 900 километри.

Знаменосец на SUV понудата е големиот C10. Како B10, и C10 се нуди како целосно-електричен SUV или пак со Range Extender. Електричната понуда стартува со C10 Life Pro кој доаѓа со електромотор со 218 коњски сили, батерија со капацитет од 69.9 kWh и автономија до 420 километри. Скалило погоре е истата конфигурација, но во Design Pro ниво на опрема која чини 30.990 Евра. Понатаму, тука е C10 Design ProMax кој добива помоќен електромотор со 300 коњски сили и батерија со капацитет од 81.9 kWh и кој може да помине до 510 километри со едно полнење. Оваа верзија чини 35.490 Евра.

На самиот врв на електричната понуда е C10 Design ProMax AWD кој ја добива поголемата батерија, но и два електомотори кои овозможуваат погон на сите четири тркала и заедно испорачуваат 600 коњски сили. Оваа верзија чини 37.490 Евра.

Поврзано:  Opel развива нов SUV во соработка со Leapmotor

Доколку се одлучите за C10 REEV, во понудата ќе најдете две верзии – Life и Design кои чинат 32.990, односно 34.990 Евра.

Понудата на Leapmotor ја заокружува одличниот нов B05 кој ние веќе го возевме на интернационалното претставување во Франкфурт. Електричниот хечбек е достапен со две батерии – едната со капацитет од 56.2 kWh, другата со капацитет од 57.1 kWh. Цените започнуваат од безмалку неверојатни 24.990 Евра – неколку илјади евра пониско од цената со која B05 стартува во Европа. Вреди да се напомене и дека B05 пристигна во Македонија за нешто повеќе од два месеци по неговата европска премиера.

Сите информации за моделите можете да ги добиете и на официјалната веб-страница на Leapmotor за Македонија.

Домаќините кажуваат дека интересот за моделите на Leapmotor е веќе огромен, а ние би додале – има и зошто. Одлично е кога бренд стартува со целата гама и нуди избор меѓу електричен и Range Extender (да поедноставиме, плаг-ин хибриден) погон, и кога зад сето тоа стои компанија која нашите купувачи добро ја знаат и веќе ѝ веруваат. Честито нов бренд, Автонова, добредојде Leapmotor!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.