ВОЗЕВМЕ: Во Шпанија седнавме зад управувачот на новиот, супер-практичен Leapmotor B03X. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Во Шпанија седнавме зад управувачот на новиот, супер-практичен Leapmotor B03X.

Leapmotor нè покани во Шпанија, каде бевме меѓу првите во Европа кои имаа можност да седнат зад управувачот на малиот автомобил со големи ветувања – новиот B03X.

Leapmotor ја зголемува понудата… Со помал модел! Со воведувањето на кросоверот B03X, кинескиот бренд на Stellantis ја проширува европската понуда со модел во еден од најконкурентните сегменти, а со тоа ќе се натпреварува со бројна, но истовремено докажана и убедлива конкуренција. Ова не е нашиот прв контакт со Leapmotor – пред неколку месеци бевме во Франкфурт да го возиме новиот целосно-електричен хечбек со името B05, а кинескот бренд неодамна официјално стартуваше и во Македонија, под капата на Автонова.

Напредна и ефикасна платформа, безмалку 400 километри и 200 коњски сили!

Ајде прво за основата. B03X е поставен на Cell-To-Chassis 2.0 Plus архитектурата на Leapmotor, која всушност ја интегрира батеријата во структурата на самиот автомобил. Тоа овозможува поефикасно „пакување“ на сите компоненти и истовремено ја подобрува цврстината на платформата. Истовремено, придонесува кон намалување на тежината – B03X тежи само 1460 килограми во неговата основна верзија – а тоа е импресивно за електричен автомобил.

Океј, а батериите? B03X може да се добие со една од две достапни LFP батерии. Помалата батерија е со капацитет од 39.8 kWh и овозможува автономија до 292 километри, додека поголемата е со капацитет од 53 kWh и овозможува автономија до 382 километри. Секако, тоа е во идеални услови и според WLTP мерењата, но за време на тест возењето ниската потрошувачка на електрична енергија успеа да нè изненади – борд-компјутерот покажа потрошувачка од околу 12 kWh на 100 изминати километри.

Помалата батерија се комбинира со електромотор кој испорачува 177 коњски сили и 200 Nm вртежен момент, додека поголемата батерија доаѓа во комбинација со електромотор кој нуди 197 коњски сили и идентични 200 Nm вртежен момент. Во вистинскиот свет перформансите се идентични, односно 100 километри на час пристигнуваат за 8.6 секунди, без разлика на изборот. Има неколку режими на работа и во Sport режим B03X реагира осетно поагилно на притискање на десната педала, без некој особен ефект врз автономијата.

Поврзано:  Leapmotor од денес и официјално стартува во Македонија!

Ненаметлив, допадлив дизајн

На прв поглед, B03X изгледа ненаметливо и можеби малку конзервативно. Но кога ќе загледаме малку повнимателно, забележуваме интересни детали – од интересните LED дневни светла, до скрините Leapy маскоти, па сè до задните светла во облик на смајли. Има и детали кои обично ги очекуваме кај поскапи автомобили – измазнети рачки за вратите, на пример. Од Leapmotor додаваат дека ова е во насока на подобрена аеродинамика – коефициентот на отпор на воздухот е 0.26 Cd.

Инаку, формата е карактеристична за компактен кросовер од Б-сегментот. Линиите се прилично чисти и едноставни, нема непотребни „џиџи-миџи“, но затоа заштитните пластики околу целиот автомобил му даваат на B03X доза на неочекувана робустност, а практичните детали (како на пример кровните носачи) ја подобруваат секојдневната употребливост.

Кабина како кај поголем автомобил

И кога сме кај практичноста, ајде да зборуваме за ентериерот. Ја отвораме релативно широката возачка врата и нè пречекува едноставна, комфорна кабина. Уште при првиот контакт се забележува дека кабината е обвиена со квалитетни и релативно меки материјали – скоро сè што можеме да допреме е пријатно на допир. Како и што очекувавме, силен фокус е даден на дигитализацијата, нешто што некому можеби и нема да му се допадне, но трендовите се такви какви што се.

Да, кон сите функционалности се пристапува преку големиот, централно-поставен дигитален дисплеј наменет за инфозабавниот уред, навигацијата, мултимедијните содржини и клима-уредот. Но затоа системот работи навистина брзо и респонзивно, а интегрираната навигација е меѓу најпрецизните кои сме ги виделе. Не само што лесно и брзо наоѓа ефикасна рута до саканата дестинација, туку успева и да ги препознае и сите безбедносни камери, камери кои мерат просечна брзина и слично. Корисно, во новиве Сејф Сити времиња.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Leapmotor B05 - Во Франкфурт го возевме електричниот хечбек на кинескиот бренд на Stellantis!

Пред возачот е поставен помал дигитален дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации околу возењето, но покрај тоа на малиот дисплеј се прикажани и инструкциите од навигацијата и слично.

Но B03X едноставно импресионира со практичноста во кабината. Задните седишта не само што се индивидуално прилагодливи, туку и долниот дел од седиштата може да се исправи нагоре, а со тоа да се ослободи навистина корисен простор меѓу предните седишта и задната клупа. Единствената забелешка која ја имаме за кабината на B03X е недостатокот на отвори за климатизација кон задната клупа.

Од друга страна, B03X има импресивно голем багажник – дури 405 литри.

Но (како што би рекле во Топ Шоп рекламите) – тоа не е сè! Под подот во багажникот има дополнителен простор кој не само што го зголемува багажникот за корисни 105 литри, туку има и одвод за вода, па може и лесно да се чисти. И на пример, можете да го наполните со мраз и разно-разни пијалоци. Корисно!

B03X не се ни преправа дека е спортски кросовер – комфорот и секојдневната употребливост се на прво место.

Океј, а зад управувачот? B03X е искрен со своите намери и не се ни преправа дека има некаков спортски карактер. Напротив, B03X е замислен и развиен да биде лесен и комфорен за секојдневно користење.

Во превод, тоа значи дека B03X е јасно и гласно ориентиран кон комфорно секојдневно возење. Суспензијата е калибрирана да ги впие нерамнините од патиштата, а управувањето е неутрално и безбедно (но без никакви повратни информации од подлогата). Тоа наметнува релаксиран стил на возење – нешто што совршено му одговара на малиот кросовер кој е примарно замислен да живее во урбаната џунгла.

Поврзано:  Leapmotor од денес и официјално стартува во Македонија!

B03X покажува што навистина може да се постигне, дури и кај подостапен, помал автомобил.

Заклучок? На прв контакт, B03X остава впечаток на зрел, практичен и секојдневно-корисен автомобил. Компактните димензии и просторната кабина го издвојуваат од конкуренцијата, а технологиите во кабината и врвната ефикасност покажуваат што навистина може да се постигне, дури и кај подостапни, помали автомобили.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.