Додека го пиете утринското кафе, првото електрично Ferrari пристигна. Luce има четири електромотори, повеќе од 1000 коњски сили и најверојатно ќе биде уште по контроверзен од Purosangue.
Ако минатата седмица го видовме првиот целосно-електричен AMG, денес гледаме нешто уште по… Храбро. Дами и господа, кажете му добредојде на првиот целосно-електричен модел на Ferrari. Добредојде, Luce.
Името Luce (и се чита и изговора Луче, не Луце, Лус, или нешто слично) значи светлина. Од Ferrari кажуваат дека не е само првото електрично возило на Ferrari, туку дека е „Ferrari 360°“. А со тоа сакаат да кажат дека е целосно-нов автомобил наменет да го прошири портфолиото на брендот а не само да замени постоечки модел со мотор со внатрешно согорување. А самото по себе тоа значи и нешто друго – дизајнерите и инженерите на Ferrari имале целосна слобода да развијат и дизајнираат автомбоил кој едноставно… Не мора да личи на ништо друго. И резултат на таа слобода? Luce.
Ferrari Luce е дизајнерско дело на LoveFrom, дизајнерското студио основано од легендите Jony Ive и Marc Newsom. Ако не ги знаете имињата, нека не ве чуди – но и двајцата доаѓаат од Apple, едниот го дизајнираше iPhone, другиот го дизајнираше Apple Watch. А тоа значи многу искуство и талент, но не во автомобилската индустрија. А тоа значи дека со себе носат пристап кој е целосно неконвенционален за автомобилската индустрија. И тоа се препознава во Luce – формата е чиста, а автомобилот е изграден околу стаклените површини, со лебдечки преден дел и силен фокус кон аеродинамиката.
На предниот дел вниманието оди кон светлата, но и спојлерот внимателно интегриран во предните површини. Профилот е чист и едноставен, а големината на Luce доаѓа до израз кога ќе напоменеме дека предните тркала се со дијаметар од 23 инчи, додека задните се 24-инчни. На задниот дел препознаваме пар двојни задни светла кои се карактеристични за Ferrari (и освежувачки едноставни), како и големи отвори за насочување на воздухот.
А сето тоа е во насока на подобрена аеродинамика и подобрена ефикасност. А Ferrari не би биле Ferrari ако не понудат погон кој кој е на самиот врв. Четири електромотори испорачуваат вкупно 1050 коњски сили и 990 Nm вртежен момент. Малку механичка математика и тоа се преведува во 11500 Nm вртежен момент изменер на тркалата! Предните електромотори испорачуваат вкупно 280 коњски сили на предната оска, додека задните вкупно 830 коњски сили на задната.
Luce е поставен на 800-волтна архитектура а батеријата е дизајнирана, тестирана и направена во Maranello и има вкупен капацитет од 122 kW. Се полни со максимални 350 kW и може да наполни вкупно 70 kW за само 20 минути. Перформанси? 100 километри на час за 2.5 секунди, 200 за 6.8 секунди и максимални 310 километри на час. И 530 километри со полни батерии. Не е лошо за автомобил кој тежи 2260 килограми!
Кабината е дизајнирана да понуди максимален комфор за возач и четвроица патници. Но деталите се спектакуларни – воланот е изработен од рециклиран алуминиум, а целиот панел со инструменти е директно поврзан за кога се мрда воланот и инструментите да се мрдаат со него, за возачот секогаш да има одличен поглед кон сите информации. Во кабината е посветено многу внимание на сè што ќе се допре, а многу од контролите се физички. И тоа резултира со кабина која има вистински прекинувачи и копчиња, покрај очекуваните екрани (кои во овој случај се специјално направени за Luce).
Плус, има и звук! Но Luce не добива ништо толку едноставно како вештачки звук испумпан од звучниците. Инженерите на Ferrari поставиле супер-прецизен акцелерометар во куќиштето на задната оска кој ги лови вибрациите од ротирачките компоненти и преку (патентиран, секако) систем кој го „филтрира, израмнува и зајакнува сигналот на начин сличен на електрична гитара, но само кога е во корист на возачкото искуство“. Од Ferrari кажуваат дека е звукот е автентичен и функционален и возачот може да го контролира како сака.
И сето тоа е.. Luce! Непремостлив сигнал од 550.000 Евра дека работите се менуваат. Дали се менуваат во насока која сите ќе ја разберат и ценат? Наверојатно не. Но се менуваат. А промените се потребни за да има и вистински прогрес.























