Ако мислите дека BMW M5 не е доволно моќен, тјунерите од G-Power се тука, подготвени да ги остварат вашите соништа.
Новиот G5M Bi-Turbo добива нови „dowpipes“, нов издувен систем со нови катализатори, нови интеркулери и нов систем за дишење. Сето тоа, плус рекалибрираниот софтвер резултира со 1000 коњски сили и 1200 Nm вртежен момент. Доколку не ги сакате хардверските измени, само со софтверско ремапирање се добиваат 850 коњски сили, 900 коњски сили со спортскиот издувен систем, односно 950 коњски сили со спортските „downpipes“.
G-Power не објавува конкретни детали околу перформансите, но со оглед на тоа дека „обичниот“ M5 кој има 720 коњски сили забрзува до 100 километри на час за 3.5 секунди, очекуваме дека тјунираниот G5M Bi-Turbo лесно ќе го симне тоа време на некаде под 3 секунди.
И колку чини сето ова? Па… Не е евтино. Целиот пакет чини околу 35.000 Евра. Не се тоа малку пари, но како инаку ќе кажете дека имате BMW со моќ како Bugatti Veyron?




