Официјално: Новата, полесна и помодерна Mazda MX-5! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Новата, полесна и помодерна Mazda MX-5!

Пред 25 години Mazda ја претстави оригиналната Mazda MX-5 – автомобил кој и ден денес ужива култен статус. Денес беше претставена новата, четврта генерација на култниот роудстер!

Новата Mazda MX-5 е драматично различна од она што досега го гледавме – дизајнот е поагресивен, поспортски и модерен, во тек со тековниот KODO дизајнерски јазик. Најважно е дека автомобилот е цели 100 килограми полесен од својот претходник, благодарение на алуминиумот кој е користен за конструкција на овој мал спортски роудстер, но и поради другите SKYACTIV технологии кои се дел од него – всушност, новиот автомобил тежи приближно како првата генерација!

Новиот автомобиле 105 милиметри пократок, 20 милиметри понизок, но и 10 милиметри поширок од својот претходник. Меѓуоскиното растојание е пократко за 15 милиметри, а предниот и задниот надвисок се скратени за 90 милиметри – ова е компактен автомобил!

Сега за сега нема информации околу моторите кои ќе се вградуваат во MX-5, но со сигурност можеме да го очекуваме 2-литарскиот SKYACTIV-G бензинец кој го познаваме од Mazda 3, а можеби своето место ќе го најде и 1.5-литарскиот SKYACTIV-G бензинец кој исто така се вградува во Mazda 3. Како што и очекувавме, моќта ќе се пренесува кон задните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Интересно е што во време кога се наметнуваат предимензионирани фелни, Mazda одлучи стандардно да го понуди MX-5 со 16-инчни алуминиумски фелни – кои ние мислиме дека изгледаат одлично, и дискретно евоцираат спомени на минатите генерации.

Наскоро очекуваме уште информации и не можеме да дочекаме да седнеме зад воланот на овој култен спортски автомобил!

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.