full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 3 2.0 Skyactiv-G Revolution – Убедлив и самоуверен стремеж кон тронот!

Неодамна поминавме неколку дена во друштво на новата Mazda 3 – автомобилот во кој Mazda има многу доверба и со кој се надева дека ќе успее да освои многу нови купувачи!

Кога еден производител толку самоуверено и храбро повторно ќе се пронајде себеси и ќе понуди целосно нова гама на модели кои се одликуваат со врвна технологија и навистина привлечен и модерен дизајн, едноставно мораме целосно да го посветиме нашето внимание.

Mazda може да се пофали со добра продажба скоро секаде околу светот, но во Европа работите се малку различни – пазарниот удел на Mazda минатите неколку години значително се намали – од 320.000 продадени возила во 2008 и 2009 – на околу 180.000 во 2012 година. Европските купувачи сакаа нешто подобро од минатата генерација на Mazda 3, која всушност беше екстензивен редизајн на првата генерација и ја користеше платформата добиена од Ford.

Очигледно, време е за револуција!

mazda-3-side

Револуцијата на Mazda започна неодамна со воведувањето на KODO дизајнерската насока. Како што веќе напоменавме кога ја возевме Mazda CX-5, KODO всушност значи „Душата на Движењето“ и моделите кои се развиени во согласност со оваа насока навистина изгледаат модерно, привлечно и несекојдневно.

Она со што Mazda 3 може навистина да се пофали е авантгардниот дизајн. Скоро од било кој агол Mazda 3 изгледа модерно и несекојдневно – вистинско освежување во класата во која се повеќе и повеќе автомобилите едноставно наликуваат еден на друг. Нагласените контури без напор го издвојуваат автомобилот од конкуренцијата –  нема да се случи да си го „изгубите“ возилото на паркинг.

mazda-3-rear

Во време кога автомобилите се „предизајнирани“ и полни со непотребни детали, вистинско освежување е да се види примерок кај кој линиите се затегнати околу целиот автомобил и оформуваат складна целина. Особено се истакнува предниот дел кој е исфрлен нанапред и сугерира спортски карактер и динамика. Едноставно – Mazda 3 настапува самоуверено. Полн погодок!

Поврзано:   Mazda влегува во Touring Car Racing со новата 3 TCR!

Во споредба со претходникот, должината е скоро идентична и изнесува 4460 милиметри, но затоа новиот модел е 40 милиметри поширок и 20 милиметри понизок, односно ширината изнесува 2053 милиметри а висината 1465 милиметри. Меѓуоскиното растојание изнесува 2700 милиметри – бројка која е меѓу најголемите во класата.

mazda-3-top-rear

Кога веќе зборуваме за димензиите на Mazda 3, мораме да позборуваме и за изработката на шасијата. Шасијата на Mazda 3 е изработена од челик, но дури 60% од искористениот челик е со висока или ултра-висока цврстина што допринесува кон 30% подобрување во торзионата цврстина – атрибут кој одлично влијае на управливоста на јапонскиот хечбек.

Позитивните впечатоци продолжуваат и во ентериерот – пристапот е лесен како на предните, така и на задните седишта а внатрешноста е скоро целосно обложена со квалитетни материјали. Пред возачот стои централен инструмент кој ја покажува брзината на движење а околу него се прикажуваат останатите информации. Лесно се наоѓа возачка позиција која истовремено е комфорна, но и дополнително ги истакнува спортските претензии на Mazda. Единствено би сакале да можеше возачкото седиште уште малку да оди надолу.

mazda-3-interior

Од друга страна, сите команди се лесно разбирливи и скоро и да нема период на навикнување. Инженерите и дизајнерите на Mazda очигледно посветиле повеќе внимание на ергономијата – единствено малку нè збуни мултимедијалниот уред кој е осетлив на допир, но само кога возилото е во мирување – додека е во движење мултимедијалниот уред се контролира преку централно поставен команден центар кој е меѓу возачкото и совозачкото седиште. Сите прекнувачи оддаваат премиум чувство и позитивен фидбек – а тоа е од особено значење за севкупниот позитивен впечаток од ентериерот.

Поврзано:   ТЕСТ: Mazda 3 2.0 Skyactiv-G Mild Hybrid

На задната клупа има повеќе од доволно простор за двајца патници, а по потреба би можело да собере и тројца. Прегледноста од затната клупа е малку намалена заради понискиот кров односно пониските прозорци, но тоа е цената која треба да се плати за привлечната ниска линија на автомобилот.

mazda-3-interior-2

Багажниот простор има зафатнина од 364 литри, што е скоро незначително помалку од просекот во класата. Ние во багажниот простор лесно сместивме багаж потребен за викенд-патување за четворица.

Опремена со 2-литарски бензински мотор кој испорачува 120 коњски сили при 6000 вртежи и 210 Nm вртежен момент при 4000 вртежи, Mazda 3 може да се пофали со забрзување до 100 километри на час за 8.8 секунди и максимална брзина од 198 километри на час. Нашиот тестен модел дојде со 6-степен рачен менувач кој е вистинско задоволство да се користи – движењата на менувачот се кратки и прецизни и лесно се наоѓа саканиот степен на пренос. Моторот не вреска од перформанси но тие се сосема задоволителни за уживање во возењето.

Просечната потрошувачка која ние ја измеривме беше околу 7.7 литри на 100 изминати километри, но мораме да напоменеме дека меревме во зимски услови и со зимски гуми. Моторот сака завртување до повисок број на вртежи за да се извлечат максималните перформанси, а истовремено го придружува „вртењето“ со привлечен и спортски звук од двојните завршетоци на издувниот систем.

mazda-3-top-front

Она каде Mazda 3 доминантно се издвојува од конкуренцијата е директното управување – Mazda 3 е меѓу најуправливите во класата. Управувањето е директно и автомобилот одлично се справува со наглите промени на правецот. Контролата е одлично избалансирана, прогресивна и безгрешно одговара на наредбите од возачот. Последица на директното управување е малку поцврстата суспензија која од време на време пренесува малку повеќе вибрации во кабината, но вистинските возачи ќе уживаат во комуникативната шасија и зборлестото управување.

Поврзано:   Mazda 2 добива обновување на екстериерот и нови технологии

mazda-3-rear-2

Технофилите ќе бидат навистина импресионирани од опременоста на Mazda 3. Нашиот тестен модел дојде навистина богато опремен – да започнеме од импресивните Xenon предни светла и LED задни светла, како и уникатните дневни светла, па да продолжиме со мноштвото воздушни перници и безбедносни системи, сензорите за паркирање, одличниот мултимедијален уред осетлив на допир, затемнетите задни стакла, загревање на предните седишта, сензори за осветлување и дожд, двозонски автоматски клима уред, Bluetooth конекција за мобилен телефон, темпомат и уште многу, многу други дребулии кои ја прават Mazda 3 навистина привлечна.

На крајот, сам се наметнува заклучокот дека Mazda 3 е подготвена да им пркоси на најдобрите во класата. Самоуверено се стреми кон најдобрите и благодарение на успешната комбинација од модерен и привлечен дизајн, напредна технологија и моќни, но штедливи мотори е подготвена да се бори за највисокото место на пиедесталот. Ние само можеме да дополниме дека Mazda 3 е еден од оние автомобили со кои со задоволство би тргнале во насока на зајдисонцето.

mazda-3-sunset

  • 2.0 – литарски атмосферски бензински мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 120 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 210 Nm / 4000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 198 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.8 секунди
  • Должина: 4460 mm
  • Ширина: 2053 mm
  • Висина: 1465 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 364 литри (1263 со спуштени задни седишта)
  • Потрошувачка: 6.5 (официјална, градска), 7.7 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda 3 2.0 Skyactiv-G Revolution – 20.480 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.