ТЕСТ: Mazda CX-5 Skyactiv-D 2.2 4×4 Revolution – Вистинско, динамично освежување – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda CX-5 Skyactiv-D 2.2 4×4 Revolution – Вистинско, динамично освежување

Конечно ја имавме можноста да седнеме зад воланот на новиот SUV на Mazda, и по неколкуте дена поминати заедно, излеговме изненадени и импресионирани.

Mazda имаше малку турбулентен период – по „разводот“ со Ford пред неколку години, Јапонскиот бренд како да ја откри својата втора младост и се впушти во повторно пронаоѓање на својот идентитет и позиција на пазарот.

По неколкуте дена поминати со CX-5, можам без никаква резерва да кажам дека Mazda повторно ги пронајде своите харизма и шарм, но не запре само тука, туку храбро чекори кон технолошките иновации и се обидува да се постави на самиот врв меѓу конкуренцијата.

Она што е веднаш забележливо е свежиот и храбар дизајн на CX-5! Овој компактен, фамилијарен SUV е првиот модел на Mazda кај кој гордо е изразен KODO дизајнерскиот јазик на брендот. Mazda го опишува KODO како „Душата на Движењето“, а барем во моите очи, CX-5 одлично го носи овој опис. Дури и кога не е во движење, CX-5 изгледа подготвен да нападне и да граби по сите услови и терени – предниот дел особено привлекува благодарение на широкиот централен отвор за воздух и издолжените предни светлосни структури кои на автомобилот му наметнуваат одлична доза на спортска агресивност.

mazda-cx-5-rear

Истите спортски линии продолжуваат и по страните на CX-5, каде високо-поставениот долен раб на прозорците оддава чувство на безбедност и доминантност, а задниот дел е успешно комплетиран со задните светлосни структури меѓу кои гордо стои знакот на Mazda. Гледано од страна, опаѓачкиот крај на горниот раб на прозорците визуелно го снижува автомобилот и дополнително го истакнува агресивниот и подготвен карактер.

Во внатрешноста ме пречекува ентериер кој е привлечен уште на првиот поглед. Меѓу Јапонските брендови секогаш се проткајувало чувство дека прават квалитетни, но по малку стерилни ентериери. Со задоволство можам да кажам дека тоа чувство кај CX-5 е целосно избегнато. Ентериерот е дизајниран привлечно и модерно, а материјалите кои се користени, освен на некои места, насекаде се квалитетни и меки на допир па соодветно на тоа оддаваат чувство кое сме навикнати да го очекуваме кај Германските производители.

mazda-cx-5-interior

Централно поставената конзола изгледа привлечно, а инструментите се читки и прегледни. Ергономијата е на задоволително ниво, и по малата крива на учење возачот лесно се снаоѓа со сите контроли и инструменти. Управувачот е особено комфорен и практичен со сите контроли кои се на него поставени, а единствената забелешка која ја имаме е на седиштата, на кои на долниот дел им недостасува малку странична поддршка, и би сакале уште малку можност за нагодување на управувачот по длабочина.

Поврзано:   Златно Тркало 2024: Победници се Porsche Panamera, Audi Q8, Volkswagen ID.7, Opel Corsa и Mazda CX-60!

Она што има повеќе од доволно е простор за возачот, совозачот и патниците. Возачот и совозачот седат повеќе од комфорно, а на патниците на задната клупа нема да им недостасува простор во ниедна насока.

mazda-cx-5-otr

На пат, Mazda CX-5 продолжува да изненадува со директното и прецизно управување. Покрај тоа што се работи за SUV, сепак Mazda CX-5 нуди прилично голема доза на спортско уживање. Во ред, не е малиот MX-5, но сепак управувањето е директно, прецизно и пренесува навистина многу информации од подлогата. Лесно може да се постави автомобилот на патот, па соодветно на тоа и уживањето кое го нуди е на ниво повисоко од она на кое сме навикнати кај ваквите автомобили. Автоматскиот менувач работи прилично мирно и менувањето на брзини е скоро неприметно, а постои и режим за мануелно менување, но и во тој случај менувачот сам ќе отиде степен подолу или погоре доколку забележи дека има потреба од тоа. Би сакале малку повеќе контрола, но сепак тука се работи за SUV возило, а не за спортски автомобил.

mazda-cx-5-rear2

Во градски услови, CX-5 сосем лесно маневрира низ метежот а паркирањето е лесно благодарение на паркинг сензорите. Прегледноста е на врвот во класата благодарение на големите стаклени површини, па истовремено лесно е да се проценат рабовите на автомобилот при маневри низ тесните Скопски улици.

mazda-cx-5-front-offroad

Во услови кога ги напуштивме асфалтираните патишта, CX-5 сосем примерно ги совлада условите на теренот. Секако, сигурни сме дека возачите на CX-5 нема редовно да возат по калливи услови, но добро е да се знае дека автомобилот е подготвен да се справи со предизвиците.

Поврзано:   Официјално ги доделивме наградите Златно Тркало за 2024

mazda-cx-5-front-field

Кога веќе зборуваме за патувањето, да позборуваме и за практичноста – CX-5 може да се пофали со навистина голем багажен простор со капацитет од 503 литри и иновативна преграда на багажниот простор која се поврзува со петтата врата и се отвора при отворање на багажникот, па пристапот е лесен и внесувањето на товар дополнително е олеснето благодарение на нискиот раб.

mazda-cx-5-trunk-rearseats

Сега веќе можеме да зборуваме за опремата, а таа е навистина богата. Нашиот тестен автомобил дојде опремен со автоматски менувач, автоматски двозонски клима уред, предни и задни паркинг сензори, автоматски ксенонски светла кои ја следат насоката на движење на возилото, одличен мултимедијален систем со TomTom навигација, Bluetooth и гласовна контрола, цела лепеза на безбедносни системи меѓу кои можеме да ги вброиме веќе очекуваните ABS и ESP системи, но и RVM (Rear Vehicle Monitoring) системот кој предупредува доколку има возило во мртвата точка, LDW (Lane Departure Warning) системот кој ја следи насоката на движењето на автомобилот меѓу две ленти и предупредува доколку примети неочекувано напуштање на траекторијата, електрично преклопливи ретровизори, и уште многу, многу повеќе.

mazda-cx-5-interior2

Моторот со кој беше опремен нашиот тестен автомобил е новиот 2.2-литарски Skyactiv-D турбодизел кој испорачува 150 коњски сили при 4500 вртежи во минута и моќни 380 Nm вртежен момент од 1800 до 2600 вртежи во минута. Перформансите не се за потценување – 100 километри на час пристигаат за 10.2 секунди (9.4 кај верзијата со мануелен менувач) а максималната брзина е 194 километри на час (197 со мануелен менувач). Потрошувачката во град според официјалните бројки е 6.4 литри на 100 километри (6.0 со мануелен менувач), но ние измеривме околу 8.5 литри. Моторот импресионира со тивкото и рафинирано работење – вибрациите се незабележителни а звукот притаен и дискретен.

Поврзано:   Mazda го продолжува развојот на ротациони мотори

mazda-cx-5-rear-final

Останува само уште да го донесеме конечниот заклучок – новата Mazda CX-5 е примамлив урбан SUV со спортски карактер, привлечен дизајн и многу, многу нова технологија. Ќе им се допадне како на фамилијарните луѓе, така и на оние со авантуристички дух кои сакаат да го напуштат асфалтот и да уживаат во природата. Новиот дизајнерски јазик на Mazda е полн погодок, а автомобилот ги привлекува и задржува погледите на случајните минувачи. Сосема е јасно зошто Mazda го зголеми производството на CX-5 на 240.000 автомобили годишнo – едноставно, имаат вистински хит во своите раце.

  • 2.2 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 1800 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 194 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.2 секунди
  • Должина: 4555 mm
  • Ширина: 1840 mm
  • Висина: 1710 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 503 литри (1620 со спуштени задни седишта)
  • Потрошувачка: 6.4 (официјална, градска), 8.5 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda CX-5 2.2 Skyactiv-D Revolution 4×4 – 32.480 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.