Што добиваме со малку подолго меѓуоскино растојание и малку подолга каросерија? Па, по сè изгледа – многу!
Новата Mazda CX-60 не ни е непознат SUV. Досега во „наши раце“ поминале две верзии – едната со 3.3-литарскиот турбодизел, втората со моќен и ефикасен плаг-ин хибриден погон. Но денес сме тука да зборуваме за CX-80 – „поголемата сестра“ на CX-60.
И не, не е „постарата сестра“ – туку токму „поголемата сестра“. CX-80 добива околу 25 сантиметри плус во должина, но и 25 сантиметри подолго меѓуоскино растојание, а тоа многу ги менува работите. Мнооооогу.
Најважната разлика е во ентериерот
Најважната разлика е дека CX-80 доаѓа со три реда седишта, а уште поважно е дека нашата тестна верзија дојде со „капетански седишта“ во средниот ред. А тоа значи две засебни седишта со централна конзола меѓу нив, кои се прилагодуваат во сите насоки и доаѓаат со вентилација и греење.
И овие седишта се… Едноставно одлични. Проверивме. На подолг пат се исклучително комфорни и има сосем доволно простор за нозете и за главите на патниците. Всушност, тоа е и поентата, нели? Патниците не само што ќе седат и ќе патуваат комфорно, туку добиваат и свои контроли за клима-уредот, USB-C приклучоци и сета светлина на светот благодарение на стаклениот кров.
Плус, немојте да мислите дека на третиот ред е тесно. Во ред, не е ни од далеку толку комфорно и просторно како на капетанските седишта, но е повеќе од доволно просторно за деца или не-толку-високи возрасни.Она што е убаво е дека и третиот ред седишта добива свои држачи за чаши, отвори за вентилација и други секојдневно-практични моменти.
Инаку, на предните седишта е исто како во CX-60 – а тоа значи комфорно, просторно и навистина лесно за секојдневно користење. Онаму каде другите производители ги менуваат физичките контроли со дигитални, Mazda задржува физички интерфејс меѓу возачот и кокпитот. Се седи високо, комфорно и прегледно, а сè што ќе допрете е изработено од квалитетни материјали.
Во однос на багажниот простор, со третиот ред седишта во употреба, имате на располагање 258 литри багажен простор, но преклопете ги и добивате 566 литри кога вториот ред е поместен крајно наназад, односно 687 со вториот ред повлечен нанапред. Преклопете го и вториот ред и имате на располагање дури 1971 литар. Пештера.
Одличен 3.3-литарски турбодизел
Инаку, погонот ни е добро-познат. Одличниот 3.3-литарски лајт-хибриден турбодизел со шест цилиндри во линија се однесува исклучително рафинирано. Самиот мотор испорачува 254 коњски сили при 3750 вртежи во минута и одлични 550 Nm вртежен момент од 1500 вртежи во минута.
Со шестте цилиндри соработува и мал електромотор поставен меѓу моторот и менувачот кој испорачува дополнителни 17 коњски сили и 143 Nm вртежен момент, кои пак ја дополнително ја „пеглаат“ испораката на сила. Резултат на сето тоа е линеарен, моќен мотор кој за време на нашето тестирање трошеше околу 7 литри на 100 изминати километри!
Mazda CX-80 се покажа како доверлив, комфорен и прецизен автомобил за патување. Управувањето е прецизно и изненадувачки директно, а големиот SUV ја менува насоката со подготвеност која едноставно не ја очекуваме. Суспензијата одлично ја контролира масата на CX-80, а на отворен пат големиот SUV е на свое. Без разлика каде седите.
И каква е разликата? Па, огромна.
И тука ќе ја завршиме дискусијата за CX-80. Тешко е да се најдат забелешки, навистина. Кога сите други брендови како да се кријат од дизелите, Mazda покажува што и како знае. А знае. Моќниот турбодизел е одличен партнер на големиот, комфорен SUV. Дваесеттина сантиметри навистина прават огромна разлика.
Спецификации
| Модел: | Mazda CX-80 3.3 e-Skyactiv D i-ACTIV AWD Homura Plus |
| Мотор: | 3.3-литарски турбодизел, 6 цилиндри во линија, MHEV |
| Моќност: | 254 коњски сили / 3750 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 550 Nm / 1500 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
| Забрзување 0-100 км/ч: | 8.4 секунди |
| Максимална Брзина: | 219 километри на час |
| Должина: | 4995 mm |
| Ширина: | 2134 mm (со странични ретровизори) |
| Висина: | 1710 mm |
| Тежина: | 2056 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 3120 mm |
| Багажен Простор: | 258 – 1971 литри |
| Потрошувачка: | 7.3 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на тестираниот модел: | Mazda CX-80 3.3 e-Skyactiv D i-ACTIV AWD Homura Plus – 69.612 Евра |
| Повеќе Информации: | Mazda.mk |










































