ТЕСТ: Mazda CX-60 3.3 E-SKYACTIV D 254 8AT AWD Homura – Дизелот не е мртов! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda CX-60 3.3 E-SKYACTIV D 254 8AT AWD Homura – Дизелот не е мртов!

Во ера кога сите производители одат кон сè помали и помали мотори, Mazda удира шлаканица на овој тренд и на пазарот нуди SUV со супер-модерен лајт-хибриден турбодизел со шест цилиндри во линија и безмалку 300 коњски сили!

Живееме во време на сè помали мотори со внатрешно согорување, сè помалку цилиндри и сè покреативна електрификација. Но што се случува кога еден (релативно мал, особено во споредба со другите производители) производител ќе одлучи да им пркоси на два од овие три трендови и да понуди нешто поинакво?

Се случува магија. Се случува нешто волшебно и убаво. Нешто што успева да го привлече вниманието на сите вљубеници во автомобилите и да им шепне дека „еј, абе има уште живот во моторите со внатрешно согорување“.

Новиот е-Skyactiv D турбодизел со шест цилиндри во линија е магичен!

Mazda успеа да го изненади автомобилскиот свет кога пред неколку месеци ја покажа новата CX-60, а тоа го направи кога објави дека новиот SUV ќе добие 3.3-литарски e-Skyactiv D турбодизел со шест цилиндри во линија, лајт-хибридна компонента и погон на сите четири тркала. Во време кога останатите мејнстрим производители се пренасочуваат кон сè помали и помали погонски единици со цел да ги задоволат сè подраконските ЕУРО норми за ниска емисија на штетни гасови, ова е вистинско изнеандување.

Но немојте да мислите дека новиот турбодизел на Mazda загадува. Напротив, благодарение на неговата ефикасност и лајт-хибридната компонента која вклучува мала литиумска батерија со капацитет од 0.33 kWh и електромотор со моќност од 17 коњски сили, новиот мотор ги исполнува Euro 6d стандардите. А нуди и врвни перформанси.

Какви перформанси? Па со оглед на тоа дека 3.3-литарскиот турбодизел испорачува 255 коњски сили и 550 Nm вртежен момент и има дополнително зајакнување од 17 коњски сили и 153 Nm вртежен момент од електромотор, големиот SUV забрзува до 100 километри на час за 7.4 секунди и достигнува максимални (и електронски ограничени) 219 километри на час. Но таквите „суви“ бројки не ја раскажуваат приказната до крај. Едноставно, без разлика на брзината со која се движите, силното пристискање на педалата за гас резултира со силно поместување нанапред и приближување кон хоризонтот. Големиот SUV на Mazda неуморно забрзува и забрзува и забрзува…

Но она кое навистина изненадува е ефикасноста на овој мотор. Мислите дека казна за сите овие перформанси ќе биде висока потрошувачка? Пфф.. Грешите! За време на неколкудневното тестирање измеривме потрошувача која се движеше меѓу 6.5 и 7.5 литри на 100 километри во градски услови, односно рамно 6 литри на отворено. Дизелот не е мртов!

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Горделив но резервиран дизајн без непотребни детали

Инаку, CX-60 ја добива најновата реинтерпретација на KODO дизајнерскиот јазик на јапонскиот бренд. Препознаваме детали кои влечат корени уште од Mazda 6 кај која дебитираше KODO, но истовремено CX-60 наметнува еден уште подостоинствен пристап кон дизајнот. Ова е голем автомобил и деталите го истакнуваат тоа.

На предниот дел вниманието оди кон релативно малите светлосни елементи, но голеееемата маска на ладилникот. Околу маската се дополнителните отвори за воздух кои ги подобруваат аеродинамиката и ладењето. Предниот дел на Mazda CX-60 е издолжен – но и мора да биде, бидејќи сепак под предниот поклопец се кријат 6 цилиндри во линија!

Должината на предниот дел доаѓа до израз кога ќе го погледнете профилот на новиот SUV – но всушност, пропорциите се чисти и јасни и ништо не изгледа како да е непотребно или прекумерно. Нашиот тестен модел дојде со 20-инчни тркала кои верувале или не – изгледаат нијанса премали за овој голем, голем SUV.

На задниот дел вниманието највеќе оди кон задните светла со едноставна, но привлечна графика. Ни се допаѓа одлуката на дизајнерите да ја сместат задната регистерска табличка на петтата врата наместо во браникот, а ќе ги поздравиме и завршетоците на издувниот систем кои се дискретно интегрирани во долниот дел од браникот.

Модерна кабина со правилни одлуки

Ја отвораме вратата и нè пречекува луксузна и современа кабина. Дизајнерите на Mazda одлучиле да не го следат трендот на огромни екрани и Piano Black сјајни црни пластики – и ја поздравуваме одлуката! Седнуваме во големите комфорни седишта и едноставно уживаме во кокпитот на CX-60.

Пред возачот се поставени дигиталните инструменти кои се јасни и лесни за разбирање а над нив на ветробранското стакло се проектира голем и детален хед-ап дисплеј. На врвот на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред кој користи 12.3 инчен екран кој е чувствителен на допир, но истовремено може да се командува и преку кружен контролер поставен на централниот гребен меѓу возачот и совозачот, каде се наоѓа и рачката за менувачот, како и селекторот за режим на возење и уште неколку други ситници.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Инаку, дизајнерите на Mazda одлучиле да ги задржат физичките контроли за клима уредот и уште некои функционалности, па сите системи во CX-60 се лесни за користење. Повторно, ќе ја поздравиме одлуката да не се користат сјајни црни пластики во кабината – па кабината цело време изгледа значително почиста и попривлечна во однос на некои директни ривали каде сјајните пластики кои се вистински магнет за прав и отпечатоци од прсти стануваат валкани за само неколку минути. Браво Mazda!

Инаку, кабината е комфорна и тивка. Околу возачот и совозачот има многу места за одлагање дребулии – во вратите, во централната конзола и во средниот наслон, а на задната клупа комфорно ќе се сместат двајца или тројца патници. Да, има конкуренти кои се нијанса поголеми на задната клупа, но тоа не е некаква замерка – ова е сепак голем автомобил!

Уште еден момент кој ќе го пофалиме е аголот на отворање на задните врати – тие се отвораат под агол од скоро 90 степени, а тоа навистина го олеснува влегувањето и излегувањето кон и од задната клупа, како и манипулирањето со детски седишта. Мал, но навистина практичен детаљ.

Голем е и багажникот – преку големата, петта врата се пристапува до багажник со капацитет од 570 литри, односно дури 1726 литри доколку ја преклопите задната клупа.

Новиот SUV на Mazda е вистински агилен

Океј, и каква е Mazda CX-60 кога сте зад управувачот? Изненадувачки агилна! Платформата на CX-60 е примарно развиена за погон на задните тркала и тоа веднаш се препознава. Иако нашиот тестен модел дојде со погон на сите четири тркала, сепак системот ја преферира задната оска во нормални услови на возење.

Кога на тоа ќе го додадеме прецизното управување кое линеарно „отежнува“ како што се зголемува брзината, како и суспензијата која е калибрирана повеќе кон Sport буквата од кратенката SUV, доаѓаме до SUV кој успева да биде уверливо и убедливо динамичен. Дали се направени некакви компромиси? Па би рекле дека не. Суспензијата успева да ги игнорира нерамнините од нашите патишта и само остри кратки пресеци се пренесуваат во кабината.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Од друга страна, суспензијата успева да ја прикрие масата на CX-60 (која тежи безмалку 2 тони) и да го контролира навалувањето во свиоци. Доколку сепак мислите дека суспензијата е претврда, одберете број-два помали тркала, но ако сме искрени – едноставно нема потреба да го направите тоа.

CX-60 импресионира и на автопат, каде се покажува како комфорен и тивок сопатник. Успева прилично успешно да ја исфилтрира бучавоста и само при повисоки брзини во кабината се пренесува бучавост од воздухот или од асфалтот – инаку, во CX-60 е тивко и комфорно.

Инаетливиот пристап на Mazda резултира со возило кое пркоси и изненадува

Секогаш сме биле фанови на Mazda. Јапонскиот производител успева да остане независен и да не биде директно под влијание на ниту еден друг бренд, па успева работите да ги направи на свој начин. Токму тоа се гледа во новиот CX-60 – Mazda пристапува кон работите на еден поинаков, би рекле поуверлив начин и токму заради тоа нуди модел кој тврдоглаво им пркоси на трендовите.

И токму тој инаетлив пристап и тој пркос резултираат со возило кое успеа вистински да нè изненади. Mazda одамна (и полека но сигурно) влегува во сегментот на премиум производители и со новиот CX-60 веќе јасно и гласно кажува дека пристигна. Конкурентите можат дури и нешто да поднаучат, а дизелот… CX-60 покажува дека дизелот дефинитивно не е мртов!

Спецификации

Модел: Mazda CX-60 3.3 E-SKYACTIV D 255 8AT AWD Homura
Мотор: 3.3-литарски турбодизел, 6 цилиндри во линија, MHEV
Моќност: 254 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 550 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 7.4 секунди
Максимална Брзина: 219 километри на час
Должина: 4745 mm
Ширина: 2134 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1680 mm
Тежина: 1860 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2870 mm
Багажен Простор: 570 – 1726 литри
Потрошувачка: 7.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: Mazda CX-60 3.3 E-SKYACTIV D 255 8AT AWD Homura – 72.000 Евра
Повеќе Информации: Mazda.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.