ТЕСТ: Volkswagen Golf VII – Повторно на врвот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Golf VII – Повторно на врвот!

Кога Volkswagen ќе најави и ќе пушти во продажба нова генерација на легендарниот Golf, сите други производители внимателно гледаат и слушаат, бидејќи токму Golf е автомобилот со кој сите други кандидати од оваа класа ќе бидат споредувани.

Дали тоа нам ни се допаѓа ова или не, е апсолутно неважно, бидејќи сакале ние да признаеме или не, Golf секогаш бил своевиден стандард во оваа класа. Не случајно оваа класа на возила разговорно се нарекува токму Golf-Класа.

Но, да поминеме на главното. Денес пред нас ја имаме најновата, седма генерација на компактот од Wolfsburg – а таа носи многу новитети и многу технолошки подобрувања. Да започнеме токму од основата, односно MQB платформата – веќе добро ги познаваме сите новитети околу оваа платформа, која ќе биде основа за многу модели на Volkswagen групацијата во иднина. Веќе знаеме дека врз неа се изградени новите Seat Leon и Audi A3, а во најава е и новата Skoda Octavia. Една од најважните придобивки е намалената тежина, а како што знаеме зголемената тежина е „крива“ за поголемата потрошувачка, намалените перформанси и разочарувачкото управување кај некои од конкурентите.

Одамна чекавме да седнеме зад воланот на возило изградено врз MQB платформата и конечно ја имавме таа прилика!

Сепак, да започнеме од надворешноста. Оние кои очекуваа револуција со дизајнот на новиот Golf ќе останат разочарани. Дизајнот на Golf никогаш не доживеал револуција, туку со секоја генерација тој добива затегнување и доведување во линија со модерните трендови. Така, веќе на прв поглед знаете дека се работи за Golf, но кога ќе погледнете поблиску и поубаво, ќе ги забележите сите нови детали кои веднаш го издвојуваат од своите претходници, но и конкуренти.

Автомобилот е подолг, поширок и понизок, а тоа е веднаш очигледно, особено гледан одзади. Едноставно изгледа притаен до подлогата и подготвен за уживање во возењето. Профилот е токму онаков каков што очекувавме, а задниот дел изгледа широк и низок. Не ни се допаднаа задните светлосни групи, но бидејќи станува збор за вкус ќе дозволиме самите да одлучите.

Слично е и во внатрешноста. Дизајнот е еволуција на веќе успешниот и докажан дизајн од претходната генерација, а ергономијата е на самиот врв. Сите контроли се токму онаму каде што би очекувале да бидат и се лесни и прегледни за користење. Она што е интересно е дека секој Golf ќе доаѓа со мултимедијален уред осетлив на допир – дури и оние основните верзии со најниското ниво на опрема. Нашиот тестен модел беше богато опремен, со одлично профилирани седишта, поголем мултимедијален уред и уште многу ситници кои живот значат. Ќе забележиме на недостатокот на Bluetooth конекција за вашиот мобилен телефон во овој ценовен ранг и ова ниво на опрема. Во внатрешноста е поправена и една од забелешките кои ги имаме кон минатата генерација Golf, а тоа е недостатокот на места за оставање дребулии. Сега, благодарение на електричната рачна кочница и променетиот распоред на работите во централната конзола, има многу повеќе место за ситници – на пример вашиот мобилен телефон.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

Она што нам не ни се допадна во внатрешноста е пијано финишот, на кој многу лесно остануваат отпечатоци од вашите прсти и се забележува секое зрнце прашина. Сепак, можете да го опремите вашиот Golf со друг финиш и да ги избегнете овие проблеми, или можеби вам ќе ви се допадне пијано изгледот.

Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, и ако некогаш порано сте имале шанса да повозите Golf, тука ќе се чувствувате како дома. Благодарение на конзолата која е дискретно навалена нанапред во внатрешноста е зголемена просторноста и чувството за комфор, а како резултат на големите стаклени површини прегледноста е одлична а возењето во град е сосем пријатно. Како и секогаш, во внатрешноста се користени одлични материјали а нивото на завршна обработка е импресивно. На овие материјали и оваа завршна обработка би можеле да позавидат некои од „премиум“ конкурентите!

Но, да се навратиме на MQB платформата. Благодарение на оваа платформа, новиот Golf не само што е подолг и поширок, туку е и значително полесен. Во зависност од моделот, тежината може да биде намалена и до 100 килограми! Може да бидете скептик, но разликата во тежина е лесно забележлива кога сте зад воланот. Автомобилот се движи полесно и многу поподготвено ја менува насоката на движење без никаква резервираност. Управувањето е директно и прецизно, иако (како и кај сите автомобили опремени со електричен серво-уред) недостасуваат доволно повратни информации од подлогата. Сепак, немавме забелешки на управувањето и „држењето“ на патот. Новата платформа не само што ги достигна, туку и ги надмина нашите очекувања.

Поврзано:   VW ID.Buzz GTX е спортски електричен микробус!

Да позборуваме и за моторот – нашиот тестен модел беше опремен со 2-литарски турбодизелски агрегат. Овој мотор испорачува 150 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Благодарение на овој мотор, но и намалената тежина сега Golf 2.0 TDI забрзува до 100 километри на час за 8.6 секунди, а максималната брзина изнесува 215 километри на час – перформанси кои воопшто не се за потценување кога ќе се потсетиме дека станува збор за стандардна изведба на еден автомобил. На крајот, да ја споменеме и ниската емисија на штетни гасови, која изнесува само 106 грама CO2 на изминат километар. Ова, секако, е поврзано со ниската потрошувачка, која за време на нашето тестирање не надмина 7 литри на 100 изминати километри во градски услови. Но она што не можеме да го пренесеме со зборови е начинот на кој овој мотор го придвижува новиот Golf.

На крајот, да позборуваме и за практичноста. Новиот Golf има 30 литри поголем багажен простор од својот претходник, односно вкупно 380. Овие 380 литри можат да пораснат на 1270 со спуштање на задните седишта. Ситни практични детали како држачите за поклопецот на багажниот простор кои се вовлекуваат во внатрешноста кога треба да натоварите нешто поголемо се за поздрав, а нам ни оставија одличен впечаток.

Секако, достапна е цела лепеза на мотори, а ние се надеваме дека наскоро ќе имаме можност да го пробаме новиот 1.4-литарски TSI агрегат кој испорачува 140 коњски сили, но истовремено може да се нарача со опција за деактивација на цилиндри. Овој мотор покрај перформансите, ветува и ниска потрошувачка.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Светска премиера во чест на 50-годишнината - Volkswagen го претстави освежениот Golf 8

Можеби ќе бидеме здодевни, но ја имавме можноста да поминеме неколку стотици километри со новиот Golf и вистински да се увериме во неговите таленти и способности. Одличната комбинација на новата и лесна MQB платформа, моќниот дизел мотор, практичноста, рафинираноста, одличните материјали и завршна изработка повторно го издигнуваат Golf на самиот врв. Кралот е мртов, да живее кралот.

  • 2.0-литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 148 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 320 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 215 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.6 секунди
  • Должина: 4255 mm
  • Ширина: 1799 mm
  • Висина: 1452 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2637 mm
  • Багажен простор: 380 литри
  • Потрошувачка: 5.7 (официјална, градска), 6.9 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volkswagen Golf 2.0 TDI Bluemotion Highline – 23.285 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.