Volkswagen го претстави вториот модел базиран на MEB+ платформата – малиот електричен ID. Cross!
Паралелно со развојот на ID. Polo, Volkswagen работеше и на новиот електричен ID. Cross. Но ако само кажеме дека ID. Cross е „поло, ама кросовер“ најверојатно нема да кажеме доволно.
ID. Cross е безмалку идентичен со ID. Cross Concept кој Volkswagen го претстави минатата година и да, дели многу од гените со ID. Polo, но истовремено добива свој засебен лик и користи малку поинаков пристап кон нештата. На купувачите ќе им бидат достапни две батерии и три различни нивоа на моќност.
Основната батерија со капацитет од 37 kWh се нуди со електромотори со моќност од 116 или 136 коњски сили, додека помоќниот електромотор кој испорачува 211 коњски сили се комбинира само со батерија со капацитет од 52 kWh.
Поголемата батерија овозможува досег до 436 километри со полни батерии, додека основната батерија нуди досег до 316 километри. Основната батерија се полни со максимални 90 kW, додека поголемата со 105 kW. Тоа и не звучи како премногу брзо, но бидејќи батериите се релативно мали, од VW најавуваат полнење опд 10 до 80% за околу 23 минути. Секако, има и можност за Vehicle-to-load, односно ID. Cross да се користи како извор на енергија за други уреди.
Кабината е слична на Polo – а тоа значи дигитализација но истовремено и фокус на физичките контроли. Од Volkswagen кажуваат и дека многу внимание е посветено на материјалите во кабината и квалитетот на финалната изработка. Пред возачот има дигитален дисплеј за информациите околу возењето, додека на арматурната табла е поставен 12.9-инчен дисплеј за инфозабавните функции, под кој има и физички копчиња за некои од функционалностите.
ID. Cross добива и навистина премиум додатоци – на пример, предните седишта може да имаат и систем за масажа, а достапни се и Matrix LED предни светла, панорамски стаклен кров, како и Harman Kardon аудио уред со 10 звучници.
Има и голем багажник – дури 475 литри, како и простор под предниот поклопец со капацитет од 25 литри за чување на каблите за полнење.
Од Volkswagen најавуваат стартна цена од 27.995 Евра во Европа. Сега за сега немаме информации кога би пристигнал кај нас.




















