ПРЕМИЕРА: Volkswagen Mission Efficiency – Наследникот на XL1 е најефикасниот електричен автомобил! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen Mission Efficiency – Наследникот на XL1 е најефикасниот електричен автомобил!

Mission Efficiency е пред-продукциски автомобил кој веќе руши рекорди – наследникот на XL1 е најаеродинамичниот и најефикасниот електричен автомобил на светот!

И да кажеме на самиот почеток – ако мислите дека ова е некој автомобил кој никогаш нема да види сериско производство, најверојатно грешите. Mission Efficiency (ME, да скратиме) е базиран на MEB+ платформата која Volkswagen веќе ја користи за ID. Polo и ID. Cross, а тоа значи дека овој пред-продукциски автомобил е помалку или повеќе подготвен за (екстремно лимитирано, најверојатно) сериско производство. МЕ го користи 135-коњскиот електромотор од ID. Polo.

Воедно, ME е и најаеродинамичниот автомобил на светот. Иако сè уште не е сериски автомобил, ME е веќе „road approved“, односно ги исполнува сите услови за возење по нормални патишта, и има коефициент на отпор на возудхот од само 0.158! Тоа е постигнато и преку супер-аеродинамичната форма кон кој придонесуваат и затворените задни тркала, специјалните насочувачи на воздухот и активниата аеродинамика. Каросеријата е изработена од алуминиум и карбон.

Вториот рекорд на ME е импресивно-ниската потрошувачка од само 6.48 kWh на 100 километри во идеални услови и при константна брзина од 68 километри на час. Океј, ова е во идеални услови, но преведено во пари, 100 километри со ME би чинеле само околу 32 денари.

Но Volkswagen одлучи да отиде чекор понатаму и одлучи да ја измери потрошувачката на струја во реални услови. Токму затоа на официјално тест-возење од центарот за развој на Volkswagen во Волфсбург, преку Познан (Полска) и Оломоуц (Чешка), па сè до Виена во Австрија, МЕ помина 1278.36 километри.

Поврзано:  Порше Скопје нè кани на отворен ден

Просечната брзина била 67.72 километри, додека максималната брзина била 138 километри на час. Батеријата со капацитет од 54.9 kWh била дополнета само еднаш и на крајот на патувањето автомобилот можел да помине уште 164 километри. Но импресивна е потрошувачката на струја од само 6.89 kWh (односно 7.51 kWh со пресметани загуби при полнење). Преведено во пари? 34 денари на 100 километри или 436 денари за целото патување!

И всушност, Mission Efficiency покажува колку силно влијание има аеродинамиката врз потрошувачката на енергија, односно директно како аеродинамиката влијае врз автономијата на електричните автомобили.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.