ТЕСТ: Volkswagen Amarok 3.0 TDI V6 Style – Голем, моќен, практичен и достоинствен – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Amarok 3.0 TDI V6 Style – Голем, моќен, практичен и достоинствен

Втората генерација на популарниот пик-ап на Volkswagen продолжува онаму каде првата застана и на пазарот нуди вистинско повеќенаменско возило кое ќе изгледа подеднакво добро „на терен“ и пред луксузен хотел.

Верувале или не, првиот Amarok пристигна на пазарот во 2010. Всушност, првиот Amarok беше еден од првите автомобили кои ги тестиравме и го објавивме тестот кон крајот на 2011, а потоа го возевме и освежениот Amarok во 2019.. Сега, скоро 12 години по објавувањето на првиот тест повторно сме зад управувачот на големиот пик-ап на Volkswagen и повторно ќе зборуваме за еден поинаков автомобил.

Amarok е поинаков автомобил.

Поинаков? Зошто поинаков? Ќе започнеме да го одговараме тоа прашање со заклучокот кој го изведовме минатиот пат – Amarok е совршен партнер за оние на кои им треба автомобил кој во текот на работниот ден ќе ги исполни сите работни задачи, а на крајот на тој ден ќе ги однесе кон нивниот дом во мир и комфор.

Новиот Amarok е директен резултат на соработката меѓу Volkswagen и Ford. Ford ги базираше новите Explorer и Tourneo на платформите на ID.4 и Caddy, сооодветно, а во замена ја направи платформата од новиот Ranger достапна за Volkswagen. Ваквите соработки стануваат се почести бидејќи едноставно имаат економска логика – од една страна се намалуваат трошоците потребни за развој на нови модели и се намалуваат цените за производство, а од друга страна производителите имаат можност да „опипаат пулс“ во сегменти во кои не биле присутни или пак да останат присутни во сегменти кои можеби инаку би ги напуштиле.

Дизајнот на Amarok е достоинствен и можеби малку конзервативен

Значи, новиот Volkswagen Amarok. Уште при првиот контакт се забележуваат две работи – првата работа е препознатливата визуелна врска меѓу минатиот и сегашниот пик-ап на Volkswagen – веднаш се препознава дека ова е модел на VW. Втората работа е дека ова е значително поголем автомобил.

Дизајнот е достоинствен и можеби малку конзервативен – но најверојато таков и треба да биде. На предниот дел наметливо доминира комбинацијата од широките предни светла и големата предна решетка, додека централно горделиво стои знакот на Volkswagen. Во страниците на долниот дел од браникот се поставени светлата за магла, додека меѓу нив е уште еден отвор за воздух заштитен од панел во сребрена боја.

Профилот е конвенционален за еден пик-ап, но острите засеци над крилата и во долниот дел од вратите прават формата да е подинамична и поробустна. Своја улога имаат и хромираните странични ретровизори и големата хромирана заштитна рамка во товарниот простор.

Поврзано:  VW ID.3 Pro S добива поголема моќност и побрзо полнење

На задниот дел вниманието оди кон вертикално-поставените задни светла и името Amarok втиснато во вратата од товарниот простор. Секако, тука е и неизбежниот хромиран заден браник, но и дискретните V6 и 4Motion значки кои оддаваат дека зборуваме за моќен и способен модел.

3-литарски V6 турбодизел, 240 коњски сили и 600 Nm вртежен момент!

V6? Да, секако! Под огромниот преден поклопец се крие 3-литарски V6 турбодизел кој (во зависност од конфигурацијата и селектираниот режим на работа) преку 10-брзински автоматски менувач кон задните или кон сите четири тркала испорачува одлични 240 коњски сили и уште подобри 600 Nm вртежен момент.

Големиот V6 реагира подготвено на секое притискање на педелата за гас и успева да го придвижи големиот до 100 километри на час за повеќе од респектабилни 8.8 секунди, како и му овозможат да достигне максимални 180 километри на час. Со умерено возење во градски услови можете да очекувате потрошувачка од околу 12 литри дизел на 100 изминати километри.

Но уште поважно е дека му овозможуваат да пренесе вкупна тежина од 1.1 тон во товарниот дел, како и да влече товар во вкупна тежина од 3500 килограми. Истовремено, погонот му овозможува на Amarok да влезе во вода со максимална длабочина од 800 милиметри – одлични 300 милиметри повеќе од минатиот модел и на еквивалентно ниво со многу поскапи и поизвикани теренци.

Технологии за незапирливо теренско возење

Всушност, кога сме кај теренците – Amarok успеа без приговор да ги совлада сите теренски пречки и предизвици кои му ги наметнавме. Без разлика дали тоа беше возење по набиен правлив пат или пак по вистински теренски патеки, благодарение на системот за погон на сите четири тркала Amarok едноставно ги надминува овие „пречки“. Огромен удел тука има традиционалната Body-On-Framе поставеност (односно познато како „шасија“) која овозможува Amarok да е оддалечен од подлогата и да ја има потребната флексибилност за пристапување кон секаков терен.

Amarok стартува во 2H режим, односно силата примарно ја насочува кон задните тркала. Потоа, тука е 4A режимот кој автоматски пренесува сила кон предните тркала кога ќе забележи дека е потребно. За теренско возење тука се 4H режимот наменет за движење на сите четири тркала при повисоки брзини, односно 4L режимот наменет за споро теренско возење на навистина груб терен. Аголот на пристапување е 29 степени, аголот на заминување е 21 степен, додека аголот на прекршување меѓу двете оски е 23 степени.

Секако, ја имате можноста да го заклучите задниот диференцијал и со тоа Amarok подеднакво да ја дистрибуира силата меѓу задните тркала, односно да успее да ве „извади“ од секакви ситуации.

Поврзано:  Volkswagen и Renault сепак нема заедно да прават мало електрично возило

Вистинскиот талент на Amarok е во него да се чувствувате како да не сте во пик-ап

Океј, но како ќе се чувствуваме додека го правиме тоа? Тука е вистинскиот талент на Amarok – новиот пик-ап на Volkswagen успева да го постигне истиот ефект на не-сум-во-пик-ап-туку-во-автомобил кој толку уверливо го постигна првиот Amarok.

Ја отвораме вратата и не пречекува просторна и привлечна кабина. Се качуваме во кабината (да, се качуваме) и веднаш станува јасно дека брифот на инженерите бил толкму тој – да понудат пик-ап кој ќе биде супер-практичен и мулти-талентиран, но истовремено и комфорен и на свој начин – луксузен.

Се сместуваме во комфорните седишта (кои се обвиени во Алкантара) и сите површини кои воглавно ќе ги допираме со покриени со квалитетни материјали и фини текстури. Управувачот е особено привлечен (и ни се допаѓаат физичките наместо хаптичките копчиња), додека на централната конзола доминира големиот, вертикално-поставен мултимедијален уред преку кој се контролираат многу од функционалностите и доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Под него се поставени физички кратенки до некои од главните функционалности.

Прегледноста е одлична благодарение на високото седење и големите стаклени површини. Во ред, неизбежна е реалноста дека Amarok е голем автомобил – но маневрирањето го олеснуваат многуте камери и сензори поставени насекаде околу него. Во ред, успеавме малку да „заглавиме“ во скопското Дебар Маало – но сите тие камери и сензори ни овозможија да поминеме без никаков непосакуван контакт.

Пред возачот се поставени јасни дигитални инструменти, управувачот се нагодува по височина и длабочина, седиштата се нагодуваат во сите насоки – па лесно се наоѓа комфорна позиција во која би се поминале стотици (па и илјадници) километри. Околу возачот и совозачот има многу места за одлагање дребулии а има и интересни практични моменти – на пример, рачките за отворање на вратите се „скриени“ во наслоните за раце на вратите, но тоа е со многу конкретна причина – таквата поставеност е за да можете лесно и со едно движење на едната рака да ја отворите вратата доколку другата рака ви е зафатена или валкана. Размислено! Некаква забелешка? Би сакале централниот наслон меѓу возачот и совозачот да се прилагодуваше по височина.

На задната клупа има доволно простор за двајца или тројца патници и ќе ги пофалиме инженерите на Volkswagen кои успеале да изведат задна клупа со комфорен агол на задниот наслон. Обично кај ваквите возила поради формата на кабината задната клупа е преисправена и подолгите патувања можат да бидат некомфорни за патниците. Со задоволство ќе пријавиме дека кај Amarok не е така и дека и при подалечно патување на патниците на задната клупа ќе им биде комфорно.

Поврзано:  Буба Клуб Македонија наполни 14 години!

Бесконечно многу багажен простор

Багажен простор? Колку сакате! Во товарниот простор на Amarok можете странично да внесете стандардна еуро-палета, а самиот товарен простор ќе прими товар со максимална должина од 1624 милиметри, височина од 529 милиметри и максимална широчина од 1584 милиметри. Максималната широчина меѓу задните крила е 1227 милиметри. Но во реалноста, Amarok има бесконечно многу багажен простор. Banana for scale.

Зад управувачот, Amarok е самоуверен, моќен и комфорен.

Зад управувачот, Amarok е самоуверен и комфорен. Моќниот V6 турбодизел повлекува моќно но мазно, а преминувањето од една брзина во друга е безмалку незабележливо. Рафинираноста се забележува на секое ниво – од звучната изолација, преку комфорната кабина, па се чувството на изолираност од подлогата и технологиите кои големиот пик-ап ги нуди.

И покрај теренските креденцијали, Amarok успева да биде мирен сопатник и на отворен пат. Изненадувачки, при автопатски брзини во кабината не се пренесува премногу бучава од струењето на воздухот или пак од подлогата. Со оглед на тоа колку „агрикултурни“ знаат да бидат некои од конкурентите, ова е пријатно и ценето изненадување.

Amarok е подготвен да оди од една крајност во друга

Amarok изгледа подеднакво добро и кога е супер-чист и кога е „во кал до прозорци“. Изгледа подеднакво наменски и „на терен“, и на работни задачи, и пред луксузен хотел. Без приговор ќе не однесе нас и нашите велосипеди на некој планински пат или пак на годишен одмор, а подеднакво уверливо ќе не однесе со алатите и работната опрема онаму каде е потребно да стигнат. И всушност, тоа е вистинскиот талент на Amarok – таа подготвеност да оди од една крајност во друга и подеднакво добро да се снајде во двете ситуации.

Спецификации

Модел: Volkswagen Amarok 3.0 V6 TDI Style
Мотор: 3-литарски турбодизел, 6 цилиндри во V-конфигурација
Моќност: 240 коњски сили / 3250 вртежи во минута
Вртежен Момент: 600 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 10 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8.8 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 5390 mm
Ширина: 2208 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1884 mm
Тежина: 2300 килограми
Меѓуоскино Растојание: 3270 mm
Багажен Простор: Колку Ви душа сака
Потрошувачка: 12 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: Volkswagen Amarok 3.0 V6 TDI Style 4Motion – 52.600 Евра
Повеќе Информации: Volkswagen.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.