Официјално: Ford и Volkswagen ја продлабочуваат соработката! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Ford и Volkswagen ја продлабочуваат соработката!

Автомобилските гиганти ја продлабочуваат соработката – Ford ќе направи свој електричен автомобил врз основа на MEB платформата на Volkswagen, a германскиот гигант ќе инвестира 2.3 милијарди евра во Argo AI дивизијата на синиот овал.

Конечно е официјализирано – по дооооолги преговори и неколкумесечни најави, Ford и Volkswagen официјално објавија дека соработката меѓу двата гиганти ќе отиде подалеку од само заедничкото развивање на комерцијални возила.

Ford ќе ја искористи MEB архитектурата на Volkswagen (која е наменета за електрични возила, и која ја користи ID.3 кој ќе биде претставен во Франкфурт) за да направи сопствено електрично возило, а во моментов се преговара и за уште едно. Volkswagen веќе инвестираше околу 6.5 милијарди евра во MEB платформата и планира да ја искористи за околу 15 милиони возила во рамките на својата групација – MEB платформата ќе ја користат Volkswagen, Audi, Seat и Skoda. Seat веќе го најави својот прв модел – El Born. Од Ford кажуваат дека планираат да ја искористат MEB платформата за да направат 600.000 електрични возила, а производството ќе започне во 2023.

„Скалирањето на MEB ги намалува трошоците за развој на возила со нулта емисија на штетни гасови, а со тоа побрзо и поефективно ќе бидат прифатени електричните возила“ – изјави Herbert Diess од Volkswagen и додаде дека „Оваа соработка ја подобрува позицијат ана двете компании преку подобра ефикасност, понатамошен раст и подобрена компетитивност.“

Од другата страна, Volkswagen ќе направи прилично голема инвестиција – цели 2.3 милијарди Евра – во Argo AI. Argo AI е дивизијата на Ford која се занимава со развој на само-возечки технологии. Со инвестицијата, Volkswagen ќе ја спои својата Autonomous Intelligent Driving дивизија со Argo AI и AID всушност ќе стане европскиот дом на целата организација. Според планот, Volkswagen ќе купи и акции во вредност од 500 милиони долари во Argo AI од Ford, и со тоа VW и Ford ќе бидат еднакви сопственици во компанијата.

Поврзано:  Volkswagen и Renault сепак нема заедно да прават мало електрично возило

„Ford и Volkswagen остануваат независни и остро компетитивни на пазарот, но соработката преку Argo AI кон овие важни технологии ќе ни овозможи да понудиме врвни можности на нашите системи, како и можност за раст и географска покриеност“ – изјави Jim Hackett од Ford. „Отклучувањето на соработката ни овозможува да ја покажеме силата на нашата глобална алијанса во оваа ера на паметни возила наменети за паметен свет.“ – додаде тој.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.