ВОЗЕВМЕ: Ги прифативме теренските предизвици на Camp Jeep! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Ги прифативме теренските предизвици на Camp Jeep!

Што правите кога Jeep ќе ве покани на возење во Италија, каде ќе имате можност да седнете зад управувачот на скоро сите модели на легендарниот бренд? Се пакувате, и прашувате „кога тргнуваме“.

Оваа година по втор пат, Jeep организира европски настан на кој ги кани сите фанови и купувачи на брендот на неколкудневно дружење. Минатата година тоа беше во Австрија, а оваа година Camp Jeep е во San Martino di Castrozza во северна Италија, односно во регионот на Доломитите. Овој спектакуларен регион е совршено место за ваков настан – од погледи од кои застанува здивот, преку одлични природни предизвици, па сè до планинските врвови кои изгледаат како да се од друга планета – Доломитите се едно од оние места кои навистина морате да ги видите.

Започнуваме зад управувачот на Renegade

Нашето патување започнува во Тревизо – италијански град близу до Венеција. Таму го земаме нашиот прв автомобил – компактниот Jeep Renegade – и „фаќаме џаде“ кон Доломитите.

По пат немаме некакви оф-роуд делници  – но Renegade се покажа како одличен сопатник на подолго патување. Да, ова е компактен кросовер – но сепак во кабината има повеќе од доволно простор, а комбинацијата од 1.4-литарски турбо-бензинец и автоматски менувач се супер-погодени. По пат правиме една пауза за фотографирање и за околу два часа пристигнуваме во Сан Мартино ди Кастроца.

Местото е како од бајките. Всушност, иако Хајди е од Швајцарија, сигурни сме дека тука има некакви роднини. Можеби братучеди. Минатата година во Октомври овој регион бил погоден од силни ветришта, па по патот гледаме многу, многу искорнати и превртени дрва – но тешко е да се изберат поинакви зборови – регионот е спектакуларен и потајно им завидуваме на луѓето кои живеат тука.

Од Renegade одиме во големиот Grand Cherokee

Го оставаме малиот Renegade и седнуваме зад управувачот на голееееемиот Jeep Grand Cherokee. Тука веќе навистина се забележуваат американските гени на Jeep – сè е некако огромно, сè е некако гордо. Го земаме Grand Cherokee и одиме да потрошиме час-два околу Сан Мартино ди Кастроца за подобро да го запознаеме малиот град и – уште поважно – неговата околина. Го напуштаме градот и започнуваме да се искачуваме сè повисоко и повисоко.

Се упатуваме кон Passo Rolle – премин низ планините кој достигнува 1989 метри надморска височина и е направен некаде околу 1860-тата година. Возејќи кон Passo Rolle, неколку пати застануваме бидејќи едноставно мораме да уживаме во погледот. Го минуваме Passo Rolle и пристигнуваме до една планинска широчина, каде нашиот Grand Cherokee изгледа „како дома“. Едноставно, големиот теренец ги покорува ваквите патишта и ваквите услови, и покажува дека и голем, американски SUV може да биде „одомаќен“ и низ Европа.

Одиме во Camp Jeep!

Се враќаме во Сан Мартино ди Кастроца, од каде нашите домаќини нè однесоа во самиот Camp Jeep. Camp Jeep е една огромна сцена, каде фановите на Jeep ќе можат самите да ги искусат моделите на брендот, но и со сопсвените возила да се впуштат во подготвените теренски предизвици. Имавме можност да видиме некои од легендарните модели на брендот и „во живо“ да направиме едно брзо патување низ историјата на Jeep.

Таму први во Европа го видовме новиот Jeep Gladiator (оние кои нè следат на Instagram можеа да го видат Gladiator во живо), како и специјална 1941 верзија на легендарниот Wrangler, која е подготвена од Mopar дивизијата.

Gladiator е вистинско повеќенаменско возило – американците кажуваат дека е пикап, а ние би се согласиле – покрај тоа што има 48 сантиметри подолго меѓуоскино растојание и е скоро 80 сантиметри подолг од Wrangler, добива „камионска кутија“ на задниот дел која може да биде трансформирана за да задоволи мал милион потреби.

Домаќините од Jeep кажуваат дека на секои пет продадени примероци на Wrangler, очекуваат да биде продаден еден Gladiator – но истовремено кажуваат дека Gladiator е наменет за оние на кои вистински им треба вакво возило – без разлика дали тоа е за работа, или пак за оние со поактивен животен стил.

Подготвени сме за вистинските предизвици!

Следното утро се соочуваме со вистинските предизвици на Camp Jeep – a тие се вистинско теренско возење позади управувачот на Jeep Wrangler. Прво седнуваме зад управувачот на Jeep Wrangler Sahara и тргнуваме низ планините. Благодарение на можноста за заклучување на диференцијалите, редукторот, како и сиот останат хардвер потребен за сериозно теренско возење, за Wrangler како да не постојат препреки. Одиме? Одиме. Каде? Каде сакаме.

За време на околу едночасовното возење низ планините, како да поминавме низ неколку различни филмови. Ако во еден момент навистина се чувствуваше атмосферата на Доломитите, во друг момент движејќи се низ густа магла – односно низ облаци, високо во планините – се почувствувавме како да сме во сцена од Jurassic Park, а нашиот Wrangler едноставно изгледаше како да припаѓа таму.

Нашиот пат нè однесе до една ширина каде инженерите на Jeep имаа поставено вештачки препреки, чија цел беше да ни ги демонстрираат можностите на Wrangler. Благодарение на инструкторите – но и компетентноста на Wrangler – овие вештачки препреки скоро и да не беа некаков посебен предизвик. Сè што е потребно е да се има доверба во Wrangler, малку самодоверба во сопствените способности и внимателна соработка со инструкторите – и Wrangler е веќе со две тркала во воздух, или пак навален странично до тој степен што можете да ја допрете земјата со рака од прозорец.

Се враќаме во кампот, каде седнуваме зад управувачот на Jeep Wranger Rubicon и тргнуваме кон последниот (и можеби најтежок) предизвик. Ознаката Rubicon значи дека овој Wrangler е подготвен за најтешките услови на теренско возење – добива уште понапредна и повисока суспензија, можност за уште поекстремна артикулација на тркалата, но и теренски пневматици со длааабоки „крампони“.

Го наоѓаме Rubicon предизвикот – и пред нас гледаме само две траги од возило. Го прашуваме претставникот на Jeep – „Тука?“ „Да, тука“ – ни одговара тој. „Сигурно?“ „Да, да, сигурно.“ Океј, тогаш одиме.

Го ставаме Wrangler Rubicon во заклучен погон на сите четири тркала со активиран редуктор и се насочуваме кон планината. Во еден момент се чувствуваме како да се искачуваме вертикално нагоре, но Wrangler едноставно „гриза и гриза“. Моќниот 3.6-литарски V6 бензинец испорачува доволно моќност и доволно вртежен момент, да му овозможи на Wrangler во ниту еден момент да не застане.

Минуваме низ длабока кал, преку паднати дрвја или пак големи камења, но Wrangler не покажува никакви знаци на замореност. Едноставно – човек мора ова навистина да го искуси за вистински да ги почитува талентите на Wrangler. Субјективно, би сакал да можам да се пофалам дека моите возачки таленти имаат некаква заслуга за сето ова – но реалноста е дека сето она кое го постигнавме е 90% Wrangler, и само 10% моите таленти.

Се вративме во кампот и внимателно ги процесираме впечатоците од беспаќата по кои возевме. По возење со Wrangler Rubicon, сите оние „шминкерски“ SUV модели кои се нудат на пазарот изгледаат… Некако, како играчки. Традицијата, квалификациите и легендарниот статус на Jeep се истовремено незаменливи и инстантно-препознатливи, а сега имавме можност и самите да се увериме!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.