ПРЕМИЕРА: Ford го претстави целосно-новиот, целосно-електричен Explorer – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford го претстави целосно-новиот, целосно-електричен Explorer

Ford го претстави целосно новиот Explorer со слоганот Exploring Reinvented – односно нагласува дека истражувањето, патувањето и авантурите ќе имаат сосем нов, електричен пристап!

Новиот Explorer е развиен во Европа и ќе се произведува во Европа, а на пазарот ќе стигне кон крајот на оваа година. При самото претставување, Ford најави дека веќе може да се резервира!

Инаку, новиот, електричен Ford Explorer е базиран на MEB платформата на Volkswagen и е директен резултат на соработката меѓу двата германски брендови. Понудата ќе започне со модел со 170 коњски сили и погон на задните тркала, кој користи батерија со капацитет од 55 kWh. Над него е верзија со еден мотор и 285 коњски сили и поголема батерија со капацитет од 82 kWh која ќе може да помине до 540 километри. Врвната понуда ќе биде со истата батерија, но со два мотори кои испорачуваат вкупно 335 коњски сили. Според Ford, оваа варијанта ќе може да помине до 490 километри со полни батерии.

Explorer го карактеризира дизајн кој е истовремено поробустен, но и препознатлив за SUV-моделите на Ford. Забележуваме заострени предни светла кои се споени со централен декоративен елемент и сребрен заштитен панел, додека околу целиот автомобил има црни заштитни пластични елементи.

Кровот изгледа како да лебди благодарение на црните столбови, додека на задниот дел препознавме задни светла со тродимензионална графика и повторно – заштитни панели во сребрена боја.

Кабината е директна интерпретација на визијата на Ford за електричните автомобили кои доаѓаат – но препознаваме сличен дизајнерски пристап како кај Mustang Mach-E кој неодамна го возевме.

Пред возачот е поставен мал дисплеј, додека на централната конзола е поставен голем, 15-инчен вертикален екран со прилагодлив агол. Зад екранот е поставен скриен оддел за складирање мобилни телефони, паричници и слично. Над конзолата има саундбар кој ќе биде дел од стандардната опрема, за кoj од Ford кажуваат дека ќе придонесе кон врвно аудио искуство во кабината.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

Просторната понуда очекуваме да е одлична, а немаме забелешка ниту на багажниот простор – багажникот е со капацитет од 450 литри, односно одлични 1400 литри со преклопени задни седишта.

Како што напоменавме, нарачките се веќе започнати а од Ford кажуваат дека Explorer ќе чини од 45.000 Евра кога ќе пристигне на пазарот.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.