full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Amarok 2.0 TDI Comfortline – Поинаква забава

Класата на возила во кои припаѓа Amarok имаат тешка задача – треба да бидат верни и доверливи работници, но истовремено треба да бидат и автомобили со кои може секојдневно да се живее. Дали успеваат во тоа?

Ова не е прв пат да го возиме Amarok – кога за прв пат го возевме, рековме дека е идеална комбинација меѓу бизнис и задоволство. Во ред, тогаш веднаш сме го одговориле прашањето од претходниот пасус – да, ваквите возила идеално ги исполнуваат барањата како од аспект на работа, така и од аспект на секојдневно живеење со ваквиот автомобил.

Volkswagen неодамна го освежи големиот Amarok

Amarok е можеби најдобар, па и најцивилизиран пример за тоа. Со неодамнешното освежување, Volkswagen го направи Amarok уште поинтересен за оние кои сакаат ваков автомобил. Во ред, во ред, измените не се драстични, но се доволни да го освежат големото повеќенаменско возило и да ја задржат неговата конкурентност на пазарот. Затегната линија ваму, нови светла таму – дизајнот не е премногу изменет, но е освежен. Соодветно освежување добива и кабината – ако ги познавате моделите на Volkswagen, веднаш ќе ги препознаете управувачот и рачката од менувачот преземени од Golf VII, а ќе добиете и понов мултимедијален уред и некои освежени пластики.

Она што е важно да се напомене е дека чувството зад управувачот на Amarok е дека возите автомобил, а не „камион“. Секако, седењето е високо и доминантно, но чувството тука е како да се возите во автомобил. Дури и местата за одлагање дребулии во вратите се обложени со материјал за да не тропкаат дребулиите во нив.

Поврзано:   ГАЛЕРИЈА: 2019 Авто Плус Street Show

Има повеќе до доволно место за одлагање ситници, задната клупа е доволно просторна (но како што и може да се очекува, нема преееемногу простор за нозете) а благодарение на мултимедијалниот уред кој има Bluetooth и слични додатоци, во ниту еден момент нема да почувствувате дека нешто недостасува – барем во контекст на класата, секако. Багажен простор? Колку што сте храбри, толку.

Amarok се трансформира со вклучување на трепкачот

Вистинскиот талент на ваквите возила е да се трансформираат од нормално возило кое се вози по нормални патишта во возило наменето за истражување на беспаќа со едноставно вклучување на трепкачот. Како? Па, додека возите по асфалтираниот пат, гледате нешто на десната страна кое ви го привлекува вниманието. Го вклучувате десниот трепкач, го напуштате асфалтот и одите онаму каде сакате. Секако, тука огромна улога имаат заклучувачкиот диференцијал, погонот на сите четири тркала и пневматиците наменети за теренско возење – но ниту еден терен кој го посетивме не беше посебна препрека за Amarok – ниту кал, ниту снег.

Нашиот тестен Amarok дојде со 2-литарски турбодизел со 140 коњски сили и 340 Nm, но Volkswagen сега кај Amarok нуди многу поинтересен 3-литарски турбодизел со 204 или 224 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, кој го комбинира со автоматски менувач, додека ние моравме да се задоволиме со мануелен.

Моторот се покажа како повеќе од доволно подготвен да го задвижи големиот теренец преку секакви подлоги, а притоа потрошувачката се движеше некаде околу 9 литри на 100 изминати километри. Перформансите и не се толку важни – но да напоменеме дека 100 километри на час се постигнуваат за 13 секунди, додека максималната брзина е 167 километри на час.

Поврзано:   ТЕСТ: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI 115 – Претставник на трендовите

Amarok има и професионални таленти

Секако, мораме да ги споменеме и професионалните таленти на Amarok – а тоа е носивоста од 657 до 1055 килограми, товарниот сандак со површина од 2.52 квадратни метри и висина од 508 милиметри, можноста да се избере меѓу погон на задните тркала, погон на сите четири тркала и 4х4 LOW со редуктор, Off-Road систем со Hill Descent систем за автоматско симнување по надолнини и уште многу, многу вакви детали и играчки.

Сакате да одите да истражувате?

Ајде да го заокружиме овој тест вака – ако првиот пат кога го возевме Amarok се уверивме дека е идеален за бизнис и задоволство, сега во равенката ќе го додадеме и епитетот забава. Сакате да се забавувате? Сакате да ја истражувате поблиската (па и подалечната) околина? Amarok може да го понуди и тоа. На еден поинаков, малку-кантри вестерн начин, секако – но може да го понуди и тоа.

Видео

Спецификации

Модел: Volkswagen Amarok 2.0 TDI Comfortline
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 140 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 340 Nm / 1600 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 13.1 секунди
Максимална Брзина: 167  километри на час
Должина: 5254 mm
Ширина: 2228 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1834 mm
Тежина: 1831 килограм
Меѓуоскино Растојание: 3097 mm
Багажен Простор: бесконечно многу литри
Потрошувачка: 9 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Volksweagen Amarok 2.0 TDI Trendline  – 24.756 Евра
Цена на тестираниот модел: Volkswagen Amarok 2.0 TDI Comfortline – 34.404  Евра
Повеќе Информации: VW-komercijalnivozila.com.mk/

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.