full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Ford Tourneo Connect е базиран на Volkswagen Caddy

Ford ја претстави најновата генерација на сенаменскиот Tourneo Connect, кој сега е базиран на германскиот конкурент, но има и свои препознатливи карактеристики.

Новиот Ford Tourneo Connect е поставен на MQB платформата и ги дели ентериерот, како и повеќето од панелите на каросеријата со Volkswagen Caddy.

Connect е патничката изведба на моделот Tourneo, која исто како и останатите модели на Ford, ќе биде понудена во Active, Trend, Titanium и Sport нивоа на опрема, а доаѓа со две различни варијанти на меѓуоскино растојание и опција за седум седишта.

Иако профилот изгледа идентично, предниот дел е редизајниран со поголема решетка и пообликуван поклопец на моторот, нови LED светла, малку поинакви предни крила и изменет браник. Измените се помали на задниот дел и се однесуваат главно на површината околу регистерската табличка.

Во кабината, инструмент таблата е исто така преземена од Caddy, но добива нов волан и дизајнерски елементи. Основното Trend ниво доаѓа со 8.25-инчен мултимедијален екран на допир, додека Titanium, Sport и Active се опремени со 10-инчен дисплеј со навигација и сите модерни можности за поврзување. Како опција ќе биде понуден и прилагодлив 10.25-инчен дигитален инструмент панел.

Две лизгачки врати овозможуваат пристап кон вториот и третиот ред на седишта, кои можат лесно да се преклопуваат, превртуваат или отстранат за овозможување на поголем товарен простор – од 2.6 кубни метри во станарднот модел до 3.1 кубен метар во верзијата со подолго меѓуоскино растојание. Покрај тоа, предното совозачко седиште може да се преклопи, со што дозволува носење на предмети со должина до три метри во возилото.

Поврзано:   Викендов се одржа Автоплус Street Show 2021

Во опција е и панорамски стаклен кров, а Ford спомнува и разни држачи за чаши, фиоки и приклучоци за полнење за патниците, како и гумени патосници што се лесни за чистење. Од сигурност, Turneo Connect може да биде опремен со до 19 системи за помош при возење, како адаптивен темпомат и помош при влечење. Апликацијата FordPass дозволува далечински пристап од смартфонот до некои опции на автомобилот.

Палетата на мотори го вклучува 1.5-литарскиот EcoBoost бензински агрегат со 114 кс и 220 Nm вртежен момент, заедно со 2.0-литарскиот EcoBlue дизел во две различни верзии – со 110 кс и 280 Nm или со 120 кс и 320 Nm вртежен момент. Тоа се всушност TSI и TDI мотори од Volkswagen, но со сменета ознака.

Tourneo Connect ќе биде сериски опремен со шест-степен мануелен менувач, додека седум-степениот Powershift менувач со двојна спојка ќе се нуди како опција. За прв пат Tourneo Connect ќе се биде понуден и со опција за погон на сите тркала, но исклучиво во комбинација со посилниот 2.0-литарски EcoBlue дизел мотор и шест-степениот рачен менувач.

Ford ќе започне со примање на нарачки за новиот Tourneo Connect на почетокот на 2022, а првите испораки се планирани за Пролет 2022.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.