ПРЕМИЕРА: Со електричиот Experimental, Opel ја најавува иднината на брендот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Со електричиот Experimental, Opel ја најавува иднината на брендот

Opel го претстави експерименталниот Experimental концепт порано од очекуваното – а концептот е своевиден шоурум за идните дизајнерски насоки и технолошки решенија на германскиот бренд.

Целосно-електричниот Experimental е технолошко чудо, наменето да ги демонстрира идните насоки на Opel, но истовремено да биде и своевидна отскочна даска за лансирање на новите платформи на Stellantis. Всушност, од Opel кажуваат дека Experimental е „поставен на врвна платформа за батериски-електрични возила на Stellantis“. Секако, ова најверојатно сугерира дека се работи за некоја од STLA платформите – најверојатно STLA Medium.

Инаку, концептот е целосно-електричен, со погон на сите четири тркала и steer-by-wire систем за управување кој дозволува управувачот да биде „спакуван“ кога не се користи. Дизајнот е супер-футуристички, а најважниот дизајнерски елемент е осветлениот Opel Compass и централно-поставениот нов Opel Blitz. Околу нив се поставени широките светла, додека на задниот дел тенки хај-тек задни светла го комплетираат футуристичкиот дизајн на Experimental. Интересно е што околу целиот автомобил нема никакви хромирани детали, туку контрастни  графички елементи и осветлени детали кои ја нагласуваат формата.

Интересно, иако се работи за кросовер, формата е долга и нагласено купеовска. Тркалата имаат троделен дизајн и се развиени во соработка со Ronal, а нивната цел е подобрување на аеродинамиката. Дури и пневматиците кои се развиени во соработка со Goodyear се изработени од рециклирани материјали.

Opel продолжува со својата Detox мисија во кокпитот на Experimental. Од Opel кажуваат дека во кабината има простор како во возило од D-сегментот, благодарение на пристапот кој го нарекуваат Space Detox. Просторноста во кабината е постигната преку лесни седишта и управувачот кој се „крие“ кога не е потребен, како и отсуството на сите елементи кои не се потребни за возење – и сето тоа резултира со просторна и комфорна кабина. Седиштата се обвиени во „електрохроматски материјал“ во кој се вшиени LED елементи кои можат да ја менуваат бојата и ваквото осветлување може соодветно да го информира возачот – на пример, кога има автомобил во слепата точка.

Поврзано:  Во чест на 125 години Opel: Happy Buy-Day Opel Македонија!

Интересно, нема ниту конвенционални мултимедијални екрани – инженерите на Opel одлучиле да ги заменат со проектори за надградена реалност кои ги проектираат информациите над централната конзола. Нема ниту класични странични ретровизори – заменети се со 180-степенски камери поставени во Ц-столбовите.

Како што рековме, Experimental е технолошки шоурум за идните дизајнерски и технолошики решенија на Opel. Дали можеме да го сметаме за најава на следната Insignia? Можеби не директно, но сепак можеме да препознаеме (и да претпоставиме) кои елементи и решенија ќе пристигнат кај идните модели на Opel – можеби нема да го видиме собирачкиот управувач, но дефинитивно ќе ги видиме новиот Opel Compass и сличните елементи. Дури можеби и порано од што мислиме – новиот Grandland треба да биде претставен наскоро!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.