ИНТЕРВЈУ: Дејан Христов – Македонскиот дизајнер на автомобили чии дела се познати ширум светот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ИНТЕРВЈУ: Дејан Христов – Македонскиот дизајнер на автомобили чии дела се познати ширум светот!

Ретки се моментите кога можеме да прочитаме дека зад некој успешен автомобилски дизајн стои човек од Македонија. Таков редок талент е Дејан Христов, чии дела често ги среќаваме на светските автомобилски интернет страници.

Со оглед на актуелната ситуација со пандемијата, со Дејан се договоривме да направиме едно дигитално интервју – a нашата цел да го претставиме подетално пред македонските читатели и фановите на CARclub.

Здраво Дејан, ти благодариме за времето кое го одвои да зборуваш со нас. Кажи ни нешто за себе!

Ви благодарам и јас вам, ми укажувате голема чест и задоволство. Инаку, се викам Дејан Христов, ентузијаст на неколку полиња – а најпознат благодарение на моите автомобилски дизајни.

За оние кои не знаат – ти веќе подолго време се занимаваш со дизајн на автомобилски концепти. Од каде желбата за тоа?

Се бавам со цртање од многу мал, а најмногу сакав да цртам автомобили. И уште од почеток поинтересно ми беше да измислувам нови модели, наместо да цртам веќе постоечки. Така, од рана возраст автомобилскиот дизајн стана поле на кое ја задоволував мојата потреба за креативност. Од тогаш до денес континуирано се бавам со оваа моја пасија.

Каде го стекна своето знаење за изработка на концептите?

Кога со нешто интензивно се бавите долго време, знаењето доаѓа само по себе. Инаку, за еден дизајнер е потребно да располага со повеќе видови познавања:

  1. Познавање на реалните ограничувања со кои се соочуваат конструкторите. На пример: аеродинамика, безбедност, законски стандарди, регулативи и шаблони, просторност и распоред на просторот во автомобилот, познавање на различните сегменти на автомобили, следење на трендовите и состојбите на пазарот, и уште многу друго.
  2. Знаења од областа на естетиката, како генерално, така и специјалната естетика кај автомобилите. Овој вид знаење е она што принципиелно прави разлика помеѓу конструктор и дизајнер.
  3. Знаење како идеите технички да се спроведат во реалност, односно правење скици, блупринт, 3D, модели од глина и тн.
  4. Познавање и следење на пазарот и текот на трендовите

Со знаењата се стекнуваме низ истражување, искуство и време. На крај тие треба да дадат резултат во симбиоза со талентот и менталниот склоп на дизајнерот. Затоа еден дизајнер пред се треба да знае како да ја негува својата креативност.

Кој ти е омилен од твоите дизајни?

Имам дилема околу два: „BMW Rapp“ и „Ferrari CascoRosso“. Тие два дизајни ги објавив во иста година, Rapp-от половина година пред да го презентирам дизајнот за Ferrari. Кога го објавив Ferrari-то, една француска интернет-страница го прогласи за мој најдобар дизајн. Можам да се согласам, но сепак Rapp ми е уште подраг. На развојот на тој дизајн и на цртежите потрошив многу време. На крајот добив дизајн кој е воедно модерен и класичен, па се осмелувам да кажам и безвремен. Од друга страна тоа е и револуционерен дизајн, кој предвиде многу нешта во современиот стил на BMW (како на пр. масивната предна решетка/маска, елегантни предни и задни светла…).

Една година откако го објавив тој дизајн, BMW го презентираше концетот „Vision Future Luxury“, кој на некој начин претставуваше обид за имплементирање на мојот стил врз еден луксузен седан. Vision Future Luxury концептот подоцна стана пример на кој стилски се базираа и некои сериски автомобили на брендот. А и воопшто, графиката на предницата на Rapp-от, со елегантни хоризонтални фарови и голема маска, денес стана типична за модерниот дизајн.

Патем, BMW Rapp е револуционерен уште по еден детал: отворите за вентилација на “кокпитот” се протегаат интегрално по неговата ширина, решение што никој претходно не го употребил, а потоа почнаа да го користат многу производители, особено често може да се види кај модели на Audi и Volkswagen.

На какви дизајни сакаш најмногу да работиш?

Повеќето дизајнери сакаат да работат на атрактивни теми – најчесто спортски купеа со мотор позади. Таквите теми се и воопшто попопуларни. Но јас сакам да работам и на многу понеатрактивни сегменти, како на пр. практични автомобили од средна и ниска класа, евтини градски возила, комбиња и тн. Можам ексклузивно да најавам дека периодов работам за електрично возило кое ќе го понудам како наследник на возилата на PSA од A-сегментот (Peugeot 108, Citroen A1, тука до сега спаѓаше и Toyota Aygo, а во иднина евентуалниот модел во оваа класа би можел да добие изведби и за други брендови во рамките на новата групација Stellantis).

Покрај тоа сакам да правам дизајни во класичен стил, кои изгледаат како да доаѓаат од некое минато време. Секако, со особено задоволство работам и на модерни и атрактивни теми. Единствено морам да признаам дека трендот на масовна популаризација на SUV возилата ме начека малку неподготвен :). На моето портфолио можете да видите само два „кросовери“. Но во последно време го следам и тој сегмент и имам некои идеи, скици и планови за дизајни.

Дали имаш некој омилен автомобилски дизајнер во моментов?

Последниве години дизајнот прилично еволуираше, па денес постои огромен број добри дизајнери. Веќе и немам доволно време за да ги следам сите. Најголемиот дел од нив лесно се вработуваат во дизајнерските центри на големите компании, а потоа ретко објавуваат свои цртежи. Потем, кога голема компанија ќе презентира свој дизајн, нормално тој е повеќе производ на дизајнерскиот тим, одошто на одвоен дизајнер. Згора на тоа дизјнерите мораат да се придржуваат до се построго зададени шаблони во стилот на брендот. Поради сето тоа таквите дизајнери уште потешко ги следам. Можам да ги следам само оние кои низ својата кариера јавно се експонираат.

Еден добар пример за таков дизајнер е Самир Садиков. Од дизајнерите кои оставиа особен печат врз модерната автомобилска индустрија, како добар пример можам да го издвојам Питер Шрејер. Кога говориме за модерниот дизајн убаво е да го спомнеме и нашиот дизајнерски Моцарт, Славче Таневски. Но кога ме прашуваат за омилен дизајнер, најнапред помислувам на дизајнери на класични автомобили: Марсело Гандини, Џорџето Џуџаро, Лери Шинода, Фламинио Бертони, Бруно Сако, Нучо Бертона, Џовани Микелоти… и секако мојот гуру Серџо Пининфарина.

Кој е твојот омилен концепт?

Секојдневно откривам добри дизајни, па многу ми е тешко да одговорам на тоа прашање. Последниве денови вниманието ми го привлече концептот Bugatti Bolide. Можам да го пофалам и победникот на натпреварот на Rimac, Maximilian Schneider и неговиот концепт Scalatan, во кој е вложено многу труд и талент, особено ако се земе предвид дека се работи за самостоен проект… Но веќе можете да претпоставите дека моите најкултни автомобили се од минатиот век. И многу се! :) Ќе се обидам да издвојам неколку: 1935 Мercedes 500k, 1954 Mercedes 300 SL Gullwing, 1966 Jaguar XJ13, BMW CS (E9), 1984 Ferrari 288 GTO, Ferrari F40… На крај би дал посебен акцент на легендарниот Citroen DS, кај нас популарната „Ајкула“ или „Жаба“. А кога би можел за себе да бирам автомобил како што одбирам облека, би се облекол во Mercedes W113, познат под како „Pagoda“. Често можат да се видат и интересни модерни интерпретации на класичниот стил, како на пример De Tomaso P72, Infiniti Prototype 9, Holden Efijy, или новиот независен концепт Helvezzia Tipo-6 на Александе Имнаџе Балдини.

Во која насока мислиш дека ќе се движи автомобилскиот дизајн во иднина?

Да ми го поставевте ова прашање минатата година, многу полесно ќе ви дадев одговор. Во овој момент неможам да предвидам во колкава мера актуелната ситуација ќе и зададе шок на економијата, колку ќе потрае „новата реалност“ и колкав печат сето тоа ќе остави врз сообраќајот и авто-индустријата. Покрај тој новонастанат фактор, постои и ефект кој произлегува од развојот на технологијата. Така на пример, во не така далечна иднина ќе имаме комплетно автономни возила, кои секако ќе влијаат врз условите во сообраќајот и стандардите и шаблоните за конструирање автомобили. Сето тоа може многу да влијае врз изгледот на автомобилите во иднина.

Што се однесува до развојот на стилот во скора иднина, очекувам да биде дивергентен, односно да се диференцираат неколку различни стилски струи и разгранување во областа на дизајнот. Генерално една струја ќе го следи примерот на новите Мерцедеси, односно ќе негува минимализам и елеганција во стилот. Друга струја веројатно ќе продолжи да бара невообичаени па макар и екстремни решенија во изгледот, како на пример што тоа во поново време го прави Lexus. Трета струја сигурно ќе инсистира на модерен, макар и прекомпликуван изглед. Конечно, се надевам дека ќе се издвои и една струја која во естетиката ќе се угледува на класичните автомобили, а на улиците ќе им дава поголема доза шарм и бајковитост.

Кои се твоите планови за во иднина?

Знам само дека ниту планирам, ниту сакам да се вработам во некој голем дизајнерски центар. Во таква ситуација дизајнерот може лесно да се претопи и изгуби, неговото време да биде узирпирано, а креативноста грубо насочена. Радо би жртвувал добра месечна плата за да можам да ја задржам слободата која ја нуди ангажманот како фриленсер. Најрадо би работел сезонскиза мали произведувачи кои немаат свои дизајнерски центри, затоа што таквите обично овозможуваат најголема креативна слобода и на крајот дизајн за кој можеш слободно да кажеш дека е твое дело. Затоа планирам да го одржувам контактот со помалите произведувачи и Start up компаниите, што не значи дека нема да нудам свои дизајни и на најголемите автомобилски брендови.

Ти благодариме за одвоеното време. За крај, што ќе им порачаш на читателите на CARclub?

Кога јас бев дете немаше интернет, па моравме да купуваме списанија. Кој сакаше поквалитетни списанија, требаше да плати повеќе за оние кои се увезуваа од странство, нормално на некој од странските јазици. Денес имаме можност да следиме се на интернет, плус тоа да бидеме квалитетно информирани на мајчин јазик. Немам што да им порачам на читателите, само со нив ќе ја споделам мојата радост што имаме квалитетен портал за автомобили каков што е CARclub.

Му благодариме на Дејан за одвоеното време да разговара со нас, и му посакуваме уште повеќе успех во иднина!



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.