Независниот Македонски дизајнер Дејан Христов направи концептуален 3D модел за ново електрично издание на популарното Yugo.
Покрај тоа што претставуваше основна форма на превоз со неговите „спартански“ нивоа на опрема, моделот Yugo имаше необичен шарм, благодарение на компактните димензии и едноставни линии. Ова беа главните адути со кои започна да ги освојува своите купувачи, по неговото лансирање во продажба во 1985.
По распаѓањето на Југославија, банкротирањето на компанијата Zastava и останатите случувања на Балканот, приказната на Yugo дојде до својот крај, но автомобилот некако доби свој култен статус. Ова го потврдува и нашиот дизајнер Дејан Христов, кој бил испириран од историјата на Yugo и замислил негова модерна верзија со електричен погон.
Дејан ги имплементирал карактеристичните стилски елементи од историскиот модел, вклучувајќи го закривениот поклопец на моторот, широката решетка во која се сместени светлосните групи, карактерната линија што ги поврзува предните со задните светла и специфичниот распоред на задниот дел.
За помодерен и поспортски изглед, дизајнерот додал пошироки крила, додатоци на браниците, црни А-столбови, потенки LED светла и пообликувана линија на прозорците. Како позадина на неговите рендери, тој ги искористил познатите Југословенски споменици во Скопје, Крушево, Белград, Крагуевац, Остра и многу други градови.
Иако е создаден како независен концепт, Дејан планира да го испрати својот проект до Српската влада, која можеби би се решил да го продолжи моделот со нова генерација. Според него, во проектот би можеле да се вклучат и Rimac, додека развојот и производството би можеле да бидат направени од страна на Stellantis, групацијата Renault или некоја Кинеска компанија.
Мораме да признаеме дека концептот на Дејан Христов изгледа навистина интересно и ние му посакуваме многу среќа во остварувањето на неговиот проект, за да би можеле да објавиме идни новости и тест возење од него!