Skate платформата на Citroën може да се комбинира со различни „каросерии“ за да понуди достапна, практична и еколошка урбана автономна мобилност.
Францускиот бренд, во соработка со хотелиерската компанија Accor и маркетинг агенцијата JCDecau ја претстави својата визија за иднината на урбаната мобилност. Визијата е наречена Urban Collectif, а е изградена врз основа на платформа развиена од Citroen врз која ќе можат да бидат псотавени различни „каросерии“ кои нудат различни можности.
Skate платформата на Citroën долга 2.6 метри, широка 1.6 метри и висока 0.5 метри. Користи Eagle 360 тркала кои можат да се вртат во било која насока, а тоа пак овозможува лесно движење. Тркалата се развиени од GoodYear овозможуваат надпросечна маневрабилност. Платформата е целосно-автономна (односно нуди автономност од 5-то ниво) и се движи со брзина од 5 до 25 километри на час. Според Citroen, ваквата платформа ќе го подобри сообраќајот за 35%, особено кога на ваквите возила би им се понудиле засебни сообраќајни ленти.
Дополнително, од Citroën напоменуваат дека технологијата ќе биде отворена, и секој ќе може да развие своја „каросерија“ (односно мешунка, како што ја нарекуваат) за Skate платформата – а тоа значи дека секој ќе може да има вистински придобивки од концептот. Ваквите платформи би можеле да се користат за јавен транспорт, за ексклузивен транспорт, за испорака на роба или слично.
Citroën прикажа три концепти – едниот се нарекува Sofitel En Voyage и е пример за автономен транспорт, но со чувство и комфор на хотелска соба. Овој концепт има портокалов ентериер и може да прими два или три патници, има засебен оддел за багаж, LED дисплеи во кабината, како и вграден бар и премиум аудио уред.
Вториот пример e Pullman Power Fitness развиен во соработка со Pullman хотелите. Овој пример ја потенцира приватноста, а им овозможува на патниците да бидат физички активни додека патуваат кон нивната дестинација – во ентериерот е вграден статичен велосипед и машина за веслање. Интересното е што кај овој концепт, физичката активност на патникот ги полни батериите на Skate платформата.
Третиот концепт е во соработка со JCDecaux, и се вика City Provider. Овој концепт е инспириран од урбаното живеење и нуди отворен и затворен дел. Надворешниот, отворен дел има стреа, а во затворениот има простор за релаксација и одмарање.
Секако, сето ова е само визија, и во моментов е далеку од сериско производство. Но сепак, навистина е интересно да видиме како изгледа кога некој навистина размислува „out of the box“ и нуди вистински модуларно, автономно и урбано решение. Браво Citroën!