ИНТЕРВЈУ: Славче Таневски – Младиот македонски дизајнер кој работи за Mercedes-Benz! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ИНТЕРВЈУ: Славче Таневски – Младиот македонски дизајнер кој работи за Mercedes-Benz!

Навистина ретко слушаме за некој со потекло од Македонија кој успеал во автомобилската индустрија надвор од нашата земја. Ја имавме таа привилегија, но и задоволство да размениме неколку зборови со Славче Таневски – младиот дизајнер кој работи за Mercedes-Benz!

Со Славче седнавме да поразговараме во просториите на импортерот за Mercedes-Benz во Македонија – Мак Аутостар. Атмосферата но и убавите автомобили ни дозволија отворено да зборуваме за дизајнот, за конкуренцијата, за минатото но и за иднината. Славче со задоволство и гордост ни зборуваше за неговата историја и за неговите почетоци, но и за својата инспирација и за иднината на Mercedes-Benz.

Да започнеме од почетокот – како стигна до автомобилски дизајн? Зошто автомобилски дизајн?

Како дете почнав да цртам сè што има тркала. Ме интересираа трактори, автомобили, камиони, па барав списанија, татко ми ме носеше на саеми… Најмногу ме привлекуваше надворешниот изглед и не можев да си објаснам зашто некои автомобили ми се привлечни, а други не. Во основно и средно училиште цртав и знаев дека сакав да бидам дизајнер. Кога стигнав до некоја возраст кога можев да се изразувам на повисоко ниво, барав туторијали на интернет, се интересирав каде може да најдам школи за дизајн, се пријавував на конкурси. Јасно ми беше дека во Македонија нема ниту училиште за дизајн каде би можел да го учам тоа што ме интересира, ниту пак индустрија каде би се применило тоа – знаев дека ќе одам некаде во странство.

Ми беше важно да останам во Европа. Училишта за дизајн има малку во Европа, но Германија е земја каде со најмногу дизајн студија и ми беше најпривлечна. Сите – не само Германските фирми, туку и Американските, Корејските и Јапонските компании – имаат сателит-студија во Германија и тука ја видов најголемата шанса.

Секогаш се интересирав – на интернет форуми комуницирав со луѓе кои го работат истото што и јас. Имав среќа да запознаам неколку дизајнери кои ме упатија во техники на презентирање, дојдов и до контакти додека бев на факултет и дојдов до универзтитетот во Минхен каде се запишав во 2007-ма. Уште од првиот семестар имавме проекти поврзани со индустријата – работевме на идеи и ако некој е талентиран веднаш добиваше место.

slavche-tanevski-1

Од прв ден си во Mercedes-Benz?

Поврзано:   Tјунинг студиото Manhart го изработи моделот V 350

Не. Додека студирав, во третиот и четвртиот семестар работев во MINI дизајн, вкупно девет месеци. Веднаш потоа бев на пракса во Mercedes-Benz и веднаш кога ја завршив праксата знаев дека ќе останам да работам таму. Дипломската беше само формалност – можев сам да си ја изберам темата и имав неграничен буџет. Беше вистинско уживање и без никаков притисок можев да се изразам, да ги пренесам сите мои емоции во моделот.

Што она што денес го гледаме како дизајн на Mercedes-Benz е твое?

Автомобилите што се денес на пазарот се дизајнирани пред пет години, а јас тогаш сè уште не работев активно. Во моментов има само мали детали – бандажи, Diamond Grille маската која е инспирирана од мојата дипломска работа (Aria, подолу), и не би зборувал повеќе да не се издадам, но наскоро ќе има повеќе…

aria

Целосно возило? Нешто што е веќе најавено или..

Не смеам да откријам (се смее)

Што од тоа што сега постои кај Mercedes-Benz ти е омилен детал или модел?

Ми се допаѓа А-класата бидејќи е радикален дизајн. Безкомпромисно и дизајнерско возило. Ѕ-класата е елегантна лимузина која мора да биде посмирена бидејќи има посебна клиентела. Особено ми се допаѓаат ентериерите – навистина се вложува во ентериерите и имаат хај-тек чувство кое е измешано со класичната елеганција која ја има Мерцедес – тој спој особено ми се допаѓа. Ги дизајнираме возилата однадвор да бидат посмирени и понеутрални, да имаат моќност и да го имаат премиум чувството на Мерцедес, но да не се вулгарни и премногу упадливи во очи.

Кај помалите возила кои се наменети за подинамични и помлади луѓе има со причина повеќе линии од страна и возилата изгледаат поагресивно. Лимузините се по децентни. Ми се допаѓа што кога ќе влезете внатре во автомобилот го има оној Wow-ефект. Значи децентно од надвор, но кога ќе влезете – тогаш се изненадувате.

Поврзано:   Tјунинг студиото Manhart го изработи моделот V 350

slavche-tanevski-mercedes-sl-skica

Од кои сегашни активни и минати активни дизајнери влечеш инспирација, односно кој ти е интересен дизајнер?

Има многу. Посебно почитувам луѓе кои биле револуционери своевремено. Денес тоа е скоро и невозможно. Марчело Гандини, Серџо Пининфарина, Џорџето Џуџаро од постарата генерација и Крис Бенгл тоа што го направи пред 12-13 години со BMW, го почитувам многу. Самиот начин на кој функционира возилото со i-Drive кое сите понатаму го преземаа како решение, како и доста храбриот надворешен дизајн. Ми се допадна тоа што сите автомобили кои беа оригинални на свој начин, но веднаш препознатливи како BMW. Тоа е еден пристап, а другиот е тоа што го прават премиум марките денес – возилата да бидат пософистицирани, но исто така препознатливи, и го почитувам и тој начин на формирање фамилија или corporate identity.

Што со брендовите како Audi, кои се критикувани дека сите модели им се навистина слични?

Да, тоа е вистински проблем – моделите навистина наликуваат едни на други. Нема збор дека се добро направени и дека зборуваме за вистински квалитет на површини и супер-прецизна изработка, но мислам дека предолго се конзервативни и предолго се слични моделите еден со друг, и мислам дека веќе имаат проблем со дизајнот. Сметам дека имаат вистинска шанса да направат нешто сензационално но не ја искористуваат. Проблемот лежи во луѓето што донесуваат одлуки, не во дизајн студијата.

aria-2

А она што се случува во денешно време, каде произведителите пробуваат да измислат возила за секоја постоечка, па и непостоечка категорија, што мислиш за тоа, колку е тоа добро за дизајнот?

Добро е за дизајнот затоа што дизајнерите имаат многу проекти и работа (се смее). Додека се продаваат возилата, во ред е тоа. Сега најголема експанзија се јавува токму кај SUV возилата и кросоверите, како и купе-варијантите. Наскоро ќе имаме и MLC – ML класа во купе-варијанта и концептот за кој веќе го видовме во Пекинг.

Поврзано:   Tјунинг студиото Manhart го изработи моделот V 350

Какво е чувството да си еден од ретките, па можеби и единствениот Македонец што го работи ова?

Јас сум особено горд што имам два дома – Македонија и Германија. Таму кога сум работам цело време и тоа ме исполнува, а од друга страна кога ќе дојдам тука, кога ќе ги видам родителите, роднините и пријателите дополнително ме исполнува – имам каде да дојдам да се одморам. Комбинацијата од двете е супер! Секогаш се трудам и Македонија да ја претставам како што треба.

slavche-tanevski-2

Како изгледа еден твој просечен работен ден, и дали имаш службена S-Class?

Хаха, не, никој дизајнер нема службено возило. А како изгледа еден мој работен ден? Па немам определено работно време. Сè e оставено на одговорност на дизајнерот – кога ќе се појави на работа, кога ќе си отиде, на кој проект ќе учествува.. Некогаш кога треба да се презентира или треба да се црта за нов проект, можно е да цртам еден дизајн неколку часа и само тоа да биде. Најчесто се работи на модели – некогаш остануваме и до десет часот навечер кога има работа на моделите. Најчесто работат четири моделари – моја задача е да ги координирам сите додека тие скицата која е одбрана тие ја префрлаат во тродимензионален модел.

Колку се прецизни моделарите кои го работат тоа?

Прецизноста е до 1/10 од милиметар. Глината е супер материјал за моделирање и со години е задржан истиот процес. Работат најдобрите професионалци кај нас – слободно можам да кажам најдобрите моделари во светот и вистинско задоволство е да работам со нив и навистина тоа што го барам врзо е пренесено на моделот.

Што вози Славче во приватниот живот?

C-class Coupe.

Му се заблагодаруваме на Славче за издвоеното време да позборува со нас, и му посакуваме уште повеќе успех во иднина!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.