full screen background image
Search

De Tomaso се враќа со спектакуларниот суперавтомобил кој се вика P72

Компанијата De Tomaso е официјално реоживеана, токму за 60 годишнината од лансирањето на брендот, а тоа го прославува со импресивниот P72.

Легендарниот италијански бренд е повторно „заживеан“ – и тоа од истиот тим позади Apollo Automobili – Ideal Team Ventures, кој ги презема правата за De Tomaso уште во 2014.

Новиот суперавтомобил откриен на фестивалот на брзината Goodwood плени со дизајн инспириран од тркачките модели од 1960-тите, кој компанијата го нарекува „модерен класик“. Главна инспирација за P72 бил недовршениот прототип наречен P70, развиен во соработка помеѓу Алехандро Де Томасо и Карол Шелби во 1964 година.

Покрај егзотичниот екстериер, одличните впечатоци продолжуваат и во кабината која е толку детално направена, што изгледа навистина скапоцено. А во тоа помагаат и украсните површини од бакар, како и внимателно скроените кожни елементи. Посебно внимание е посветено и на механичкиот дел од мануелниот менувач со неговите откриени врски, слично како кај Pagani Huayra, но во уште подотерано издание.

Не се објавени техничките податоци, но се очекува новиот De Tomaso P72 да биде многу директен во управувањето и погонските единици со цел да понуди поголемо возачко уживање. Она што го знаеме за сега е дека P72 е базиран на истата карбонска монокок шасија од Apolo Intenza Emozione, кој користи атмосферски V12 мотор од Ferrari. Дали тој ќе биде употребен и во P72 останува да видиме.

Новиот суперавтомобил на De Tomaso ќе биде произведен во само 72 примероци, а неговата цена ќе започнува од 750,000 евра.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.