full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Pagani Huayra Roadster – Врвна егзотика со 764 коњски сили за само 2.28 милиони евра!

Pagani тукушто ја претстави новата Huayra Roadster – која е полесна, побрза и помоќна од „обичната“ купе-верзија!

Исто како и „обичната“ Huayra, и отворената Roadster-изведба е навистина несекојдневен и вонземен автомобил. Прикажаниот модел е „офарбан“ во полу-провидна сина боја и јасно се гледа карбонот од кој е изграден овој хипер-автомобил.

Она што е интересно е дека Huayra Roadster е вистинско инженерско ремек-дело. Обично, кабриолет-изведбите на автомобилите се потешки од обичните верзии, бидејќи е потребно дополнитело зајакнување на шасијата и каросеријата – но Huayra Roadster е цели 80 килограми полесна од обичната Huayra, а торзиската ригидност на кабриолетот е дополнително зацврстена.

Инженерите на Pagani развија два различни кровови за Huayra Roadster – едниот е лесен, карбонски цврст покрив со централен стаклен дел благодарение на кој роудстерот изгледа слично како и купето. Вториот е покрив изработен од карбо и платно, кој може лесно да се складира внатре во автомобилот.

Huayra Roadster има ревидирана верзија на 6-литарскиот V12 кој потекнува од AMG – па сега на располагање стојат 764 коњски сили и „преку 1000 Nm вртежен момент.“ Големиот V12 е усогласен со 7-степен автоматизиран мануелен менувач развиен и изработен од Xtrac. Дел од приказната е и нова суспензија изработена од алуминиумска легура наречена HiForg, благодарение на која компонентите се до 25 проценти полесни од обичните, а тука се и новите 380-милиметарски дискови напред и позади. За потребите на Pagani, Pirelli разви специјални пневматици (20-инчни напред, 21-инчни одзади), а инженерите на Pagani го преработеа ESP системот и сега на располагање се пет режими на работа – Wet, Comfort, Sport, Race и ESC Off.

Од Pagani најавуваат дека ќе бидат направени само 100 примероци од Huayra Roadster, и погодувате – сите се веќе резервирани. Основната цена? Само 2.280.000 евра, без локалните даноци, секако!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.