Иако помина повеќе од четврт век откако италијанскиот производител го претстави суперавтомобилот, тој сè уште добива нови верзии.
На овогодинешната престижна автомобилска манифестација Concorso d’Eleganza Villa d’Este во Италија, Pagani официјално ја претстави Zonda Cervino.
Возилото е направено во рамките на специјалната програма на компанијата за персонализација Unico, за која пишавме лани. Како основа е искористена веќе постоечка шасија на Zonda, која е целосно модифицирана според специфичните желби на еден колекционер.
Направени се и одредени естетски измени, па агресивнниот заден спојлер и стоп-светлата се заменети со посуптилни делови. Pagani исто така вгради и целосно нов систем на подвозјето, вклучувајќи модернизирани амортизери.
Иако производителот официјално не ги покажа деталните технички спецификации, речиси е сигурно дека срцето на овој автомобил повторно ќе биде препознатливиот 7.3-литарскиот V12 мотор, направен од Mercedes-AMG.
За повеќето производители, одржувањето во живот на 27 годишно возило би било неисплатливо, но за Pagani тоа делува сосема природно бидејќи Zonda одамна престана да биде “само” суперавтомобил и прерасна во вистинска легенда.













