Целосно-електричниот iX3, првиот претставник на Neue Klasse ерата на BMW денес ја имаше својата македонска премиера.
iX3 воведе нов дизајнерски јазик кај BMW (и првиот контакт со новиот SUV го имавме минатата година на IAA), кој стартуваше токму со овој SUV а продолжи со новиот i3 кој неодамна го видовме во Минхен. Дизајнот е јасен, едноставен и полн со карактер, без притоа да биде „прегласен“ или преагресивен. Сепак, iX3 изгледа моќно и воведува целосно нова интерпретација на „четирите очи“ кои се толку карактеристички за BMW.
Плус, баварците гордо кажуваат дека светлината го заменува хромот. Дизајнот е истовремено успева да биде и супер-современ и да евоцира спомени од минатото на BMW. Како и многу други модели на BMW – „едно е на слики, друго е во живо“.
Во кабината доминира новиот BMW Panoramic iDrive со новиот BMW Operating System X. Според BMW, четирите супер-мозоци кои работат во позадина гарантираат врвни перформанси, а супер-современите екрани и оперативниот систем му овозможуваат на возачот да се фокусира на возењето, а притоа да ужива во врвна германска хај-тек ергономија.
Огромниот Panoramic iDrive дебитира токму кај iX3 и ги заменува конвенционалните инструменти со огромен „хед-ап дисплеј“ поставен под ветробранското стакло. Овој пристап треба да обезбеди одлично информирање без да има потреба да се оттргне вниманието од патот.
iX3 ја добива најновата eDrive технологија на BMW која сега е во нејзината шестта генерација. Сите компоненти се дизајнирани и конструирани за 800-волтно функционирање, а густината на моќноста во батеријата е подобрена за 20%. Тоа значи подобра автономија, помала (и полесна) батерија и подобрени перформанси. Батеријата е со капацитет од 108.7 kWh. Според WLTP мерењата, iX3 би требало да може да помине до 805 километри со полни батерии. Полнењето е со максимални 400 KW, што пак би требало да овозможи да се наполнат до 372 километри автономија за само 10 минути – со пристап до доволно брз полнач, секако.
Примерокот на фотографиите е BMW iX3 50 xDrive кој добива два електромотори кои заедно испорачуваат 469 коњкси сили и 645 Nm вртежен момент. Според официјалните бројки, сето тоа овозможува катапултирање до 100 километри на час за 4.9 секунди и максимални 210 километри на час.




























