full screen background image
Search

Премиера: Apollo Intensa Emozione – 10 примероци, 1250 килограми, 780 коњски сили, 2.3 милиони евра!

Производителот Apollo се враќа на сцената со новиот мега-автомобил кој го нарекуваат Intensa Emozione!

Intensa Emozione е наменет за оние кои сакаат малку поаналоген пристап кон работите – па наместо да понуди „мега-хибрид“ како другите производители, на проблемот му пристапува малку старошколски.

Во ред, ништо тука не е „старо“ – едноставно, во ера на хибридни мега-автомобили со турбополначи, IE носи традиционален атмосферски V12. Моторот – кој има зафатнина од 6.3 литри – испорачува 780 коњски сили и 760 Nm вртежен момент. Силата се испорачува кон задните тркала преку 6-степен секвенцијален менувач.

Целиот автомобил е направен со екстензивно користење на ултра-лесни материјали, па така Apollo IE тежи само 1250 килограми. Сето тоа значи дека му требаат само 2.7 секунди да постигне 100 километри на час, а максималната брзина е 335 километри на час.

Надворешноста ја дефинираат агресивните аеро-елементи и формите кои очигледно имаат една намена – Apollo IE да биде поразувачки ефикасен на тркачките патеки. Секој купувач ќе добие седиште направено специјално за него. Седиштето се прицврстува за автомобилот и не се движи – за нагодување на возачката позиција се поместуваат управувачот и педалите.

Од Apollo кажуваат дека ќе бидат направени само 10 примероци од Intensa Emozione, и дека цените ќе почнуваат од 2.3 милиони евра. Багатела!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.