ПРЕМИЕРА: Bugatti Bolide е мега-автомобил со 1850 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Bugatti Bolide е мега-автомобил со 1850 коњски сили!

Bolide е резервиран само за тркачките патеки, има 1850 коњски сили, забрзува до 100 километри на час за 2.17 секунди и 500 километри на час за само 20.16 секунди!

Сега за сега Bolide e само „експериментална студија“ развиена од Bugatti со цел да дознае што може да се постигне со супер-лесен автомобил поставен околу моќниот 8-литарски квад-трубо W16. Колку тежи Bolide? Само 1240 килограми, а според извршниот директор на Bugatti – Stephan Winkelmann – Bolide „има само четири тркала, мотор, менувач, управувач и единствениот луксузен елемент – две седишта.“

Сепак, оваа експериментална студија и не е толку експериментална – од Bugatti потврдија дека автомобилот е правен во согласност со правилата за безбедноста на FIA – а тоа сугерира дека најверојатно ќе биде произведен во некоја супер-лимитирана (и супер-скапа) серија.

Како е направен Bolide? Со користење на титаниумски елементи, 3д-печатени компоненти, керамички сопирачки и други напредни материјали. Секако, ќе забележите и многу, многу карбон – а сето тоа резултира со овој навистина лесен автомобил. Дополнително, 8-литарскиот квад-трубо W16 е темелно доработен за да испорача 1850 коњски сили и 1850 Nm вртежен момент. Со оглед на тежината, за секоја коњска сила со која Bolide располага, треба да придвижи само 0.67 килограми!

Перформансите? Според симулациите на Bugatti, 100 километри на час се постигнуваат за само 2.17 секунди. Спринтот од 0 до 220 километри на час трае 4.36 секунди, од 0 до 300 километри на час само 7.37 секунди, од 0 до 400 километри на час 12.08 секунди, и од 0 до 500 километри на час само 20.16 секунди. Дополнително, од Bugatti кажуват дека теоретската максимална брзина е над 500 километри на час и дека Bolide  би можел да направи круг околу Circuit de la Sarthe за 3 минути и 7 секунди, додека Nurburgring би бил совладан за само 5 минути и 23 секунди.

Поврзано:  Утринска гимнастика: Bugatti W16 Mistral постави нов брзински рекорд

Свој удел во овие перформанси има и активната аеродинамика на Bolide – при брзина од 320 километри на час, Bolide има вкупна потисна сила од 1800 килограми на задните тркала, односно 800 килограми на предните тркала.

Дали Bugatti повторно ќе ја земе круната за најбрз автомобил на светот? Ќе видиме, ќе видиме…



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.