Jaguar го освежи својот најмал SUV – компактниот E-Pace – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jaguar го освежи својот најмал SUV – компактниот E-Pace

Освежениот E-Pace ќе пристигне во салоните на почеток на следната година, а ќе донесе како визуелни, така и технолошки измени.

Естетските корекции не се преагресивни – добиваме редизајниран лик со нов и подинамичен браник, нова маска на ладилникот, нови предни светла со LED технологија и Double-J дневни светла и уште неколку други ситни корекции. На задниот дел препознаваме задни светла со изменета графика, како и нови декоративни елементи во браникот.

Најважните измени се во кабината, каде инженерите на Jaguar работеле на подобрување на звучната изолација и чувството на рафинираност, но и на технологиите кои се вградуваат во компактниот премиум SUV. E-Pace го добива новиот Pivi Pro инфозабавен мултимедијален уред, а добива и нови контроли за некои од функционалностите, како и нови материјали во кабината. Листата на освежувања во ентериерот ја заокружуваме со новиот, редизајниран спортски управувач. Кабината добива и нов систем јонизација кој успева да елиминира голем процент од PM 2.5 честичките – а со тоа значително ја подобрува добросостојбата на патниците.

Во однос на оние работи кои не ги гледаме – E-Pace добива подобрена суспензија со која е се подобрени и управливоста и комфорот, а намалени се вибрациите кои се пренесуваат во кабината.

Како и досега, E-Pace ќе може да се добие со турбо-бензински мотор, или пак со турбодизел. Основниот, 2-литарски турбодизел испорачува 163 коњски сили и може да се добие со шест-степен мануелен менувач и погон на предните тркала. Понатаму, истиот мотор може да се добие со лајт-хибридни технологии и во конфигурации со 163, односно 204 коњски сили, автоматски менувач и погон на сите четири тркала.

Понудата на бензинци започнува со новиот, 1.5-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец кој добива 8-брзински автоматски менувач и погон на предните тркала. Скалило погоре е 2-литарскиот турбо-бензинец кој може да се добие во неколку различни конфигурации – со 200, 250 или пак 300 коњски сили, овој пат во комбинација со 9-степен автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Оваа изведба ја добива и најновата генерација на Active Driveline AWD системот за погон на сите тркала, кој супер-брзо може да го дистрибуира вртежниот момент онаму каде најефикасно ќе го пренесе кон подлогата.

Целосно-нов е 310-коњскиот плаг-ин хибриден E-Pace кој комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 200 коњски сили, со електромотор и батерија со капацитет од 15 kWh, за вкупна системска моќност од 310 коњски сили, автономија на струја од 55 километри, како и екстремно ниска потрошувачка на бензин од само 2 литри на 100 изминати километри.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.