Aston Martin Vanteon е најновото ремек дело на Дејан Христов – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Aston Martin Vanteon е најновото ремек дело на Дејан Христов

Македонскиот дизајнер Дејан Христов ја претстави неговата визија за поегзотичен наследник на Aston Martin DBS, која одлично би се позиционирала во гамата на Британскиот производител.

Неговото најново дело е претставено во две изведби: купе и кабрио тип на каросерија со долг преден поклопец и задно позиционирана кабина со две седишта. Името на концептот Vanteon доаѓа како еволуција на името Vantage, од кое е искористен првиот слог Vant, што значи предводник, но вториот слог Age е заменет со Eon, кој би соодветствувал повеќе на новата електрична ера.

Основната инспирација за овој концепт на Дејан биле задните светла на моделот One-77, и како би изгледало кога тие би се поставиле на спротивната страна. Потоа, истата форма била искористена и кај предните светла, сместени до препознатливата решетка.

Задните и предните светла ги поврзува една хоризонтална карактерна линија, која прави прекршување на површините и отвара простор за проток на воздух кон сопирачките. Vanteon има поизразени аеродинамички елементи во долниот дел од каросеријата, како странични крила на предниот браник, масивни прагови и огромен заден дифузер.

Може да се забележи и дека кај купе изведбата предното, панорамското и страничните стакла се поврзани, но и делумно одделени од Ц-столбот кој продолжува на краевите на кровот од двете страни во вид на рогови. Сепак, недостасува задното ветробранско стакло, па погледот кон назад би се вршел преку камери и екрани.

Според Дејан, доколку некогаш би излегол во производство, Vanteon би бил базиран на платформата на DB11, а би се нудел со мотор со внатрешно согорување и електричен погон. Се чини дека Дејан комплетно го осмислил концептот, со целосен план за негово лансирање на пазарот.

Нашето мислење е дека визијата Vanteon изгледа фантастично! Единствената работа што не ни се допаѓа кај него е дека е многу далеку од реалност, за жал.

 



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.