full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Aston Martin Vantage – Британска достоинственост и AMG моќ!

Aston Martin го претстави целосно новиот Vantage кој нуди идеална комбинација од достоинствен, безвременски британски дизајн и брутална AMG моќ!


Луѓето од Aston Martin гордо кажуваат дека сè е ново на новиот Vantage – од новата шасија, преку технологиите кои се вградуваат во автомобилот, па сè до 4-литарскиот твин-турбо V8 со потекло од Affalterbach, Германија.

Да, баш така – соработката меѓу Aston Martin и Mercedes-AMG продолжува, па новиот Vantage користи 4-литарски твин-турбо V8 бензинец кој во оваа конфигурација испорачува 510 коњски сили и 685 Nm вртежен момент. Автомобилот тежи само 1530 килограми, постигнува „стотка“ за 3.5 секунди и достигнува максимални 313 километри на час.

Платформата врз која е изграден Vantage е истата алуминиумска шасија која се користи и за новиот DB11, но дури 70% кај Vantage е целосно нова. Суспензијата користи активни амортизери и нуди три режими на работа – Sport, Sport Plus и Track. Дополнително, Vantage е првиот модел на Aston Martin кој користи електронски заден диференцијал – E-Diff – кој е поврзан со системот за контрола на стабилноста и се адаптира кон условите на патот многу поефикасно од класичен диференцијал со ограничено пролизгување.

Дизајнот е интересна еволуција на дизајнерскиот пристап на Aston Martin – го карактеризираат јасно-дефинирани линии и површини, со традиционална Aston Martin форма – дооооооолг нос, краток заден дел и низок профил. Единствено, не сме баш сигурни околу големиот отвор за воздух на предниот дел, но целиот дизајн е во функција на аеродинамична ефикасност.

Цените се објавени – и бидете подготвени да издвоите најмалку 154.000 евра за задоволството. Првите автомобили ќе бидат испорачани во првата половина од идната година.

Поврзано:   Астон Мартин се враќа во Ф1 на чело со Себастијан Фетел!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.