full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Aston Martin DBS Superlegerra – Полесен, помоќен, побрз!

Aston Martin ја претстави најмоќната изведба на новиот DB11 – во форма на 715-коњскиот DBS Superlegerra!

Инженерите на Aston Martin му посветиле доволно внимание на DB11 за да го заслужи името DBS Superlegerra. Superlegerra – погодувате – значи супер-лесно, а намалувањето на теижината од 72 килограми е постигнато преку користење карбонски елементи за каросеријата. На предниот дел ќе забележите редизајнирана маска на ладилникот и нов сплитер кој насочува воздух под автомобилот за подобрена аеродинамика и ладење на сопирачките. Целиот автомобил добива редизајнирани аеродинамични елементи со цел да се подобрат перформансите.

Дополнително, 5.2-литарскиот твин-турбо V12 е преработен да испорачува 715 коњски сили и 900 Nm вртежен момент. Максималниот вртежен момент е достапен од 1800 па сè до 5000 вртежи во минута, а силата се пренесува кон задните тркала преку 8-брзински ZF менувач кој е специјално засилен да може да го издржи вртежниот момент. DBS Superlegerra добива и помоќни карбон-керамички сопирачки со дијаметар од 410 милиметри на предните тркала, односно 360 милиметри на задните тркала.

Сето ова резултира со импресивни перформанси – спринтот до 100 километри на час трае само 3.4 секунди, а 100 милји (односно 161 километар на час) пристигнуваат за 6.4 секунди.

Aston Martin DBS Superlegerra ќе пристигне на пазарот до крајот на оваа година. Цена? Не знаеме, ама ако морате да прашате…



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.