ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави новата Серија 2 Active Tourer – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави новата Серија 2 Active Tourer

Новата генерација на успешното повеќенаменско возило на BMW воведува нова платформа, нов дизајн, нови погонски опции и грст нови технологии.

Новата Серија 2 Active Tourer е темелно редизајнирана и воведува дизајнерски елементи кои се покажуваат како контроверзни – секако тука највеќе внимание оди кон големата предна маска, односно големите предни бубрези. Но ќе признаеме дека дизајнот е свеж и современ, па предната маска некако и не ни смета премногу. Профилот е заострен и повеќе наликува на конвенционален хечбек, а на задниот дел забележуваме остри светлосни групи. Во комбинација со големите тркала и M Sport пакетот, новиот семеен автомобил на BMW изгледа прилично интересно!

Кабината ги следи насоките кои ги воведоа новите модели на BMW. Се воведува нов заоблен BMW Curved Display кој неодамна беше претставен во електричниот BMW iX. Новиот систем користи 10.25-инчен екран за инструментите, како и 10.7-инчен екран за мултимедијалните функции. Стандарндо ќе доаѓа со GPS навигација, како целосна Android Auto и Apple CarPlay интеграција благодарение на најновиот BMW OS 8 со 5G поврзување.

На централната конзола е поставен лебдечки наслон за рацете со вграден панел со контроли и мал менувач. Секако, добиваме и грст нови технологии, како и квалитетни материјали. Практичноста се потенцира преку многуте места за оставање дребулии, одличната прегледност и одличната просторна понуда – багажникот е со капацитет од дури 470 литри, односно 1455 литри со преклопени задни седишта.

На самиот старт ќе се нудат неколку погонски опции – основен е 218i со 136 коњски сили и 230 Nm вртежен момент, а над него е 220i со 156 коњски сили и 240 Nm вртежен момент. За оние кои сакаат поспортски перформанси, тука е 223i со 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 204 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. За оние кои сакаат турбодизел, во понудата се наоѓа 218d кој вградува 2-литарски турбодизел со 150 коњски сили 360 Nm вртежен момент. Сите мотори се нудат исклучиво со 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка, а двата најмоќни бензинци се комбинираат со електромотор вграден во менувачот кој испорачува дополнителни 19 коњски сили.

Поврзано:  Премиера: Ова е новиот BMW X3

BMW веќе потврди дека понудата на погони ќе се прошири следната година. Следното лето ќе бидат воведени две плаг-ин хибридни варијанти кои ќе комбинираат 1.5-литарски турбо-бензинец кој ќе ги придвижува предните тркала, со електромотор кој ќе ги придвижува задните тркала. Во зависност од одбраната конфигурација, на располагање ќе имате системски 245 или 326 коњски сили, а доколку ја одберете поголемата батерија со капацитет од 14.9 kWh, ќе можете да поминете до 80 километри „на струја“.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.