ТУРБО ТЕСТ: Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 ST-Line – Лесен за препорачување! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 ST-Line – Лесен за препорачување!

За оние кои сакаат да уживаат во возењето, а не можат да си дозволат full-fat Focus ST со 280 коњски сили, тука е Focus ST-Line!

Меѓу конкуренцијата, Ford Focus секогаш важел за автомобил кој го одбираат оние кои навистина сакаат да уживаат во возењто. Талентот на инженерите на Ford да ја нагодат шасијата на еден автомобил и да го извлечат максимумот од неа е тежок за надминување – а со Focus ST-Line успеале повторно.

Што значи ST-Line? Очигледно инспириран од моќниот 280-коњски Focus ST (нашето возење можете да го прочитате тука), Focus ST-Line е „лајт“ верзија која пренесува многу од талентите на моќниот хот хеч во поцивилна изведба. Измените не се спектакуларни – и не ни треба да бидат Focus веќе е еден од најдинамичните во класата – но не се ни само визуелни. Focus ST-Line е темелно ревидиран за скоро секој сегмент да биде подобрен.

Спортски детали, динамичен став и поголеми тркала.

Ајде прво со визуелните измени. Focus ST-Line добива подинамични предни и задни браници, поголем заден спојлер, нагласени странични прагови и поголеми, 17-инчни тркала. Отворите за воздух во предниот браник сугерираат дека се работи за нешто малку поинакво, а целиот став е некако поспортски и подинамичен.

Секако, ова се должи и на поцврстата (и за нијанса пониска) суспензија, како и на веќе-споменатите поголеми тркала. Има и други интересни детали – како на пример црните предни решетки и црвените шепи за сопирачките, а и вистинските завршетоци за издувниот систем. Грст ситни, но важни детали.

Плус, набрзина ќе ги споменеме и одличните Full-LED предни светла кои целосно (кон подобро) го менуваат ликот на Focus, а и одлично светат. Ако нешто со сигурност би додале на листата на дополнителна опрема, тоа дефинитивно би биле светлата.

Спортска, но беспрекорно практична кабина.

Спортски доработки и детали има и во кабината. Ја отвораме вратата и нè пречекуваат спортски седишта кои се делумно обвиени во кожа. Седиштата нудат одлична странична поддршка, па се покажуваат како корисни кога ќе се впуштиме во бркање свиоци.

Поврзано:   Популарната Ford Puma доби фејслифт

Има и други привлечни детали – управувачот има зарамнето дно и делумно е обвиен во перфорирана кожа која е опшиена со црвени шевови. Црвените детали продолжуваат и околу рачката за менувачот, на седиштата и на патосниците. Плус, нашиот тестен модел дојде со дигитална инструмент-табла која има посебен спортски приказ на информациите.

Секако, ова и понатаму е Focus кој добро го познаваме – па тоа значи комфорна задна клупа, како и задоволителен багажен простор. Прегледноста е одлична и ергономијата е навистина за пофалба – ни се допаѓаат физичките контроли за клима уредот и аудио системот. Нека каже кој што сака, ама класичните нормални копчиња секогаш ќе бидат полесни и попрактични од бесконечните слоеви на „тач-скриновите“.

Повторно нè изненади 125-коњскиот EcoBoost

Веќе добро го познаваме и 1-литарскиот EcoBoost со 125 коњски сили – неодамна го возевме во одличната нова Ford Puma, а пред две години и во Focus Business. Малиот три-цилиндерски турбо-бензинец испорачува 125 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 170 Nm вртежен момент од 1400 до 4500 вртежи во минута. На хартија тоа и не звучи како многу, но во реалноста добиваме перформанси кои изненадуваат – 100 километри на час пристигнуваат за рамно 10 секунди и максималната брзина е 200 километри на час.

Она кое повторно изненадува е подготвеноста на малиот EcoBoost да изнуди насмевки и во ниту еден момент да не се почувствува недоволен. Да, перформансите не се спектакуларни, но верувајте – тие се повеќе од адекватни. Во однос на потрошувачката, на отворено е пониска од 6 литри, додека низ град измеривме нешто помалку од 8 литри на 100 изминати километри.

Поврзано:   Ford ја претстави третата генерација Transit Connect

Идеален за „бркање кривини“!

А вистинското уживање доаѓа кога ќе го насочите Focus ST-Line кон свиоци. Комбинацијата од спортски-нагодена суспензија со ниската тежина (само 1247 килограми) и лесниот „нос“ значи дека Focus уште поподготвено ја менува насоката. Тој верно ги следи насоките од директното и прецизно управување, без во ниту еден момент да ја напушти посакуваната тракеторија. Притоа, успева да го понуди сето тоа без да биде некомфорно тврд за секојдневно возење по нашите улици.

Да, Focus ST-Line е лесен за препорачување.

И токму затоа, со задоволство ја препорачуваме оваа комбинација. Focus ST-Line одлично изгледа и одлично вози. А како автомобилски ентузијасти, ваквите работи автомобили ни се лесни за препорачување. Ѕирнете го Focus ST-Line, нема да се разочарате! ;)

Спецификации

Модел: Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 ST-Line
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 125 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 170 Nm / 1400-4500 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4378 mm
Ширина: 1979 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1439 mm
Тежина: 1247 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2700 mm
Багажен Простор: 375 литри
Потрошувачка: 7.9 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Ford Focus 1.5 TiVCT Trend – 19.100 Евра
Цена на тестираниот модел: Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 ST-Line X – 25.500 Евра
Повеќе Информации: ford.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.