Актуелниот владетел на ридско-брзинските патеки низ Европа – Игор стефановски Иџе – го започнува учеството во ETCC шампионатот овој викенд со учество на првата трка на патеката Пол Рикар, Франција.

Откако две години доминираше во Европскиот шампионат на ридски патеки, каде постави многу нови рекорди и беше убедливо најбрз пред конкурентите, Иџе продолжува во потрага по нови успеси и нови победи едно скалило погоре во Европскиот шампионат на кружни патеки. Неговиот огромен потенцијал за уште поголеми достигнувања беше забележан од Словенскиот тим „Lema Racing“, кој го покани Иџе да им се придружи во трката за титулата како прв Македонец кој учествувал на овој шампионат.

Европскиот шампионат на кружни патеки е под капата на Светската Aвтомобилска Федерација (FIA). Ова е втор по големина шампионат за автомобилизам од овој тип, веднаш по светскиот. Доколку се освои титулата во овој шампионат награда е учество во Светскиот шампионат – што претставува огромен мотив за нашиот претставник.

idze-press2

Првата трка се вози претстојниов викенд на познатата патека од Формула1, Пол Рикар. Иџе ќе настапи позади воланот на Seat Leon Cup Racer, со бројот 14 на неговата врата и Македонското знаме на неговиот кров. Тој неодамна имаше шанса да го тестира возилото и беше задоволен од постигнатото време кое дава надеж за борба за првите места. Сепак, тој истакна дека бидејќи се работи за сосема различна авантура од онаа на ридските патеки – мерило ќе биде постигнатиот резултат од првата трка.

Оваа сезона на ETCC ќе содржи седум трки. По првата во Франција, следуваат трките во Словачка, Германија, Португалија, Гранција и Италија. Ние му посакуваме многу успех и да се радуваме на многу негови идни триумфи!