ТЕСТ: Honda Civic 1.8i – Успешната приказна продолжува! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Honda Civic 1.8i – Успешната приказна продолжува!

Овој пат на тест ја имавме најновата генерација на легендарниот Honda Civic. Неколкудневното тестирање ни овозможи одблизу да ги запознаеме неговите квалитети и неговиот типично јапонски карактер!

Да започнеме со малку историја – првата генерација се појави во далечната 1973-та година, а ова што го имаме пред нас денес е претставник од деветтата генерација!  Од 1973-та до сега се продадени околу 16.5 милиони примероци, а Honda Civic стана синоним за квалитетен, практичен и комфорен автомобил.

Новиот Civic веќе на прв поглед го привлекува вниманието. Некои дизајнот би го нарекле поларизирачки, но ние би го нарекле модерен и авангарден, но уште поважно – различен! И минатата генерација Civic се издвојуваше со својата уникатност и се до крајот на своето производство изгледаше различно, но она што денес го нуди новата генерација навистина отскокнува од конкуренцијата.

Онаму каде што Civic е најпривлечен е токму од напред. Заострената маска е очигледна еволуција од онаа на претходникот, но сега има една доза агресивност и истакнување на спортскиот карактер кои според некои му недостасуваа на минатиот модел. Страничната линија го следи карактерот на предниот дел, а скриените механизми за отворање на задните врати го прават целиот автомобил да изгледа како спортско купе.

Од задната страна се истакнуваат големите светлосни групи кои нема да бидат по сечиј вкус, но ние ќе нагласиме дека ја следат моменталната дизајнерска насока на Honda и дека сосема добро му прилегаат на остатокот од автомобилот. Малку нѐ разочара што не е осветлена целосната светлосна структура, но тоа се веќе субјективни забелешки. Не ни се допадна ниту испакнатоста на задните светла, кои се особено нагласени кога е отворен багажникот.

Во внатрешноста се чувствувавме како дома. Очигледно е дека инженерите и дизајнерите на Honda сериозно се позанимавале со намалувањето на буката и вибрациите, но и со користењето на поквалитетни материјали во внатрешноста. Едноставно немаме забелешка ниту на материјалите ниту на ергономијата. Можеби некои кои се поконзервативни ќе забележат на инструментите кои наликуваат на контролна конзола од некој вселенски брод, но нам ни се допаѓаат заради нивната уникатност, но и нивната прегледност и леснотија за користење.

Прегледноста е воглавно добра, и лесно се навикнавме на големината на автомобилот. Единствено ќе забележиме на прегледноста директно назад, која е малку компромитирана заради големиот хоризонтален столб кој го дели задното ветробранско стакло, но камерата за паркирање со која беше опремен нашиот тестен модел лесно надокнади за ова. Паркирањето е лесно и едноставно, а корисната камера за паркирање изнуди позитивни реакции од сите патници во новиот Civic.

Но кога ќе седнете зад воланот на и ќе решите да му посветите малку вистинско внимание, тогаш ќе го видите Civic во најдобро светло. Управувањето е лесно и прецизно, со повеќе повратни информации од подлогата отколку што сме навикнати да добиваме кај новите модели. Ако ја исклучите ECON опцијата за економично возење тогаш Civic подобро реагира на притискањето на гаста, и едноставно како да оживува. Автомобилот е секогаш подготвен да ја смени насоката на движење и едноставно е задоволство да се управува по кривулести патишта каде навистина доаѓа до израз одличното подвозје и малку потврдата суспензија. Менувачот е токму онаков каков би очекувале да добиеме кај Honda – прецизен, со краток од и со многу пријатно механичко чувство при користење.

Секако, мораме да ја нагласиме практичноста на новиот Civic. Багажниот простор од 407 литри е на самиот врв во класата, а магичните седишта кои можат да бидат поместени во скоро секоја насока овозможуваат лесно товарење на возилото кога е потребно. Ако ја додадеме на тоа веќе споменатата камера за паркирање и одличната понуда на простор во внатрешноста, веќе се комплетира сликата за еден практичен автомобил кој може да ги задоволи и семејните потребни.

На крајот да го напоменеме и моторот. 1.8 литарскиот i-VTEC мотор веќе ни е познат од минатата генерација. Тој нуди 142 коњски сили и 172 Nm, а забрзувањето до 100 километри на час изнесува 9.4 секунди, додека максималната брзина е 215 километри на час, која за волја на вистината не успеавме да ја провериме.  За да се добијат спортски перформанси потребно е добро да се навие бензинскиот агрегат, а со такво возење потрошувачката станува повисока. При нормално возење измерената потрошувачка на гориво изнесуваше околу 9 литри на 100 изминати километри, што е во границите на очекуваното.

Новиот Civic предизвика лавина од реакции уште кога првпат се појави. Контраверзниот дизајн беше тема која сеуште многумина ја дискутираат. Но ако се земе во предвид одличното подвозје, Јапонскиот дизајн и квалитет, но и практичноста и привлечноста, тогаш веќе станува јасно дека зборуваме за еден комплетен автомобил, кој ќе ги задоволи потребите на многумина!

  • 1.8 литарски атмосферски бензински агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
  • Моќност: 142 коњски сили / 6500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 172 Nm / 4300 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 215 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.4 секунди
  • Должина: 4300 mm
  • Ширина: 1770 mm
  • Висина: 1440 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2595 mm
  • Багажен простор: 407 литри
  • Потрошувачка: 7.6 (официјална), 9.0 (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Honda Civic 1.8i Sport  – 17.990 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.